Пејчиновиќ ги собра тетовци на едно место

0
52

Во Тетово синоќа се одбележа 250 годишнината од раѓањето на Кирил Пејчиновиќ со културна манифестација пред управната зграда на „Музеј на тетовскиот крај“.

Директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Даријан Сотировски институција која е и организатор на настанот, се заблагодари за интересот на тетовци за овој значаен настан кој ги собра граѓаните на едно место, без разлика на нивната идеологија и погледи.

-Кирил Пејчиновиќ и по 250 години не собра на една место како никој друг така да и во иднина ни следат вакви собири каде ќе бидеме заедно, рече Сотировски

На манифестацијата настапи младинскиот женски хор „Менада“ со македонската химна под диригенство на диригентот Ивица Зориќ. Следуваше обраќање на Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.

-Делата на Пејчиновиќ се големи, своевремено тој преку неговите стихови кој ги исклесал на неговата надгробна плоча ги прави и зачетоците на македонската книжевност, изјави Архиепископот Охридски и Македонски ГГ Стефан.

На свеченото отварање и прославување присуство имаа и претсавниците на културно литературните институции кои го носат името на Пејчиновиќ. Во таа чест беа доделени плакети за основен општествен интерес и создавање на трајни вредности на тетовската гимназија, Културно уметничкото друшто и Литературниот клуб кои го носат името на просветителот. Со вакви плакети се здобија и тетовско-гостиварската епархија за заложбите на митрополитот Јосиф, маестро Ивица Зориќ, писателот Дарко Гавровски-Гавро и уметникот Павле Кузмановски.

Покрај оддаденото признание и обраќањата, водителот Роберт Велјановски на сцената ги покани и пијанистот Душко Дамбоски, дуото Тимко Чичаковски и Благојче Трајковски кои свиреа македонски изворни песни на канон и кларинет.

Оваа година е прогласена и за година на Блаже Конески затоа што се прославува јубилејната стогодишнина од неговото раѓање. За Конески беше оддаден посебен епилог кој што ги најави последните изведувачи на манифестацијата, Влатко Груевски како солист и Наунов на клавинола.

-Песните „Молитва“ и „Река“ се во изведба на овие талентирани музичари а во текст на Блаже Конески, кој е вистински мајстор на зборот, додаде Влејановски во својата најава.

Настанот заврши со изложба на Павле Кузмановски направена во чест 250 годишнината од раѓањето на Кирил Пејчиновиќ со некои од неговите најубави дела како и посебен портрет за просветителот Кирил Пејчиновиќ и портрет на Блаже Конески. На изложбата настапи триото „Шербет“ со мелодија на староградските тетовски песни.

Изложбата беше првиот културен настан што се одржи во новиот објект на Музејот на тетовскиот крај  чија намена ќе биде за такви цели.

 

Ангела Бошкоска