Филипче: До идниот петок во Македонија ќе бидат вакцинирани 500 илјади граѓани

0
26

Што се однесува на тоа како ќе се штитиме од делта-сојот, министерот Филипче вели дека на оваа тема, дали ќе се воведуваат дополнителни рестриктивни мерки на граничните премини, в понеделник, ќе се разговара со Комисијата за заразни болести. Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, кој е во Македонија, информираше дека хрватската влада донела одлука да донира уште 20 илјади вакцини од компанијата „АстраЗенека” или „Модерна“.

 

Забрзаното ширење на индискиот сој на вирусот во Европа и во регионот го вклучи алармот и во Македонија. Како што најави министерот за здравство Венко Филипче, на оваа тема в понеделник ќе се разговара со Комисијата за заразни болести, во врска со тоа дали ќе се воведуваат дополнителни рестриктивни мерки.

-Треба да се слушне мислењето на епидемиолозите во однос на штитењето на нашите граници. Треба да се процени дали воведувањето на ПЦР-тестовите за оние земји каде што делта сојот е доминантен, е вистинската мерка за заштита – смета министерот Филипче.

Според него, во моментов, најголемиот фокус во земјава е насочен кон процесот на имунизација. Тој информираше дека до вторник ќе заврши вакцинирањето во сите пунктови освен во Скопје, Битола и Тетово каде што идниот петок сите останати пријавени ќе бидат одеднаш вакцинирани.

-Идниот петок ќе имаме вкупно 500 илјади граѓани во земјава што ќе бидат вакцинирани, што не е доволно и затоа апелирам граѓаните да се пријават во што поголем број – вели Филипче и дополни дека во одредени региони веќе е започната теренската вакцинација, за останатите тоа ќе се стори идната недела по координативниот состанок со директорите на здравствените домови.

Министерот Филипче препорачува бремените жени и трудниците доколку сакаат да се вакцинираат тоа да го сторат со вакцината на „Фајзер“.

Во Македонија вчера пристигнаа 10 илјади дози вакцини „Астра Зенека“ од Хрватска. Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ –Радман, кој е во Македонија информираше дека хрватската влада донела одлука да донира уште 20 илјади вакцини од компанијата „АстраЗенека“ или „Модерна“.

-Со оваа донација Хрватска им дава поддршка на своите најблиски соседи, за да целиот процес на борба против коронавирусот биде што поуспешен. Вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата и треба да има рамномерност на имунизацијата при отворање на границите. Хрватска во рамките на ЕУ ја истакнува важноста на земјите од овој регион – нагласи министерот Грлиќ-Радман, на заедничката прес-конференција со министерот Филипче.

Тој додаде дека испораката на вакцини ќе продолжи и понатаму. Според него, Хрватска е туристички ориентирана земја и целта е туристите да се чувствуваат безбедно, затоа акцентот е ставен на имунизацијата.

-Уште во првата категорија на имунизација, ние ги вакциниравме нашите туристички работници. Масовната вакцинација во Хрватска продолжува и ние први во рамките на ЕУ дадовме поддршка на дигиталниот ковид-сертификат, зошто само така може да се обезбеди нормален проток меѓу државите – нагласи министерот Грлиќ-Радман.
За идната недела се најавени уште 10.000 вакцини на „Спутник V“ од Русија.