Најдено решение за банкарските проблеми на 40.000 лица кои имаат истечени лични карти

0
18

Граѓаните со истечена лична карта можат да ги земат пензиите, платите и да прават трансакции. Управата за финансиско разузнавање за Алсат потврди дека е најдено решение, а Македонската банкарска асоцијација го пратило до сите банки. Како документ за идентификација во банка ќе се користат ливчињата од МВР дека граѓанинот веќе се фотографирал за нова лична карта. Во банка ќе можат да ги приложат и пасошите кои се продолжени до крајот на годинава поради пандемијата. Ова важи од денеска.

Во меѓувреме, се бара решение овие граѓани да може и да гласаат на есенските локални избори. Според премиерот Зоран Заев, во игра се две опции. Првата е во септември да се изгласаат промените во Законот за лични карти. Ако не, тогаш има и друга опција:

Втората работа е министерот за правда, заедно со другите надлежни ресори, работат како да изнајдат начин, директно со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа – изјави Зоран Заев, премиер.

Но, од Државната изборна комисија не одговорија дали имало претходно пракса во земјава да се гласа со истечена лична карта, но има опции за да се оди на гласање.

Кој нема лична карта има пасош или обратно, така што ќе видиме, а ќе преземеме и додатни активности за да го искоординираме тоа. Понатаму ќе бараме и други законски решенија – рече Александар Даштевски, претседател на ДИК.

Проблем со личните карти имаат повеќе од 40.000 граѓани. МВР го промени софтверот преку кој личните карти се издаваат со новото уставно име, но законот заглави во Собранието. За него има поднесено повеќе од 1.500 амандмани, најголем дел од Левица. Инаку, пратениците се на одмор од 1 август. Првата веќе закажана седница е дури кон средината од септември.