Се бројат починати од Ковид 19 во тетовско, во гостиварско цунами од коронавирус

0
23

230 хоспитализирани пациенти во тетовската и гостиварската болница се борат со вирусот. Дел од нив завршуваат кобно. Во полошко изминатово деноноќие починаа 13 пациенти од КОВИД 19. Според бројот на амбулантски прегледи состојбата и натаму ќе се влошува, нема празни болнички кревети, се бара помош од скопските клиники.

Во четирите ковид одделенија во тетовската болница се лекуваат 124 пациенти. Има млади, претежно се со коморбидитети.

-Просторот се стеснува, голем дел од болничките кревети се зафатени од ковид болни кои примаат терапија и повеќе од три недели, или се со други болести или пак имаат пост ковид проблеми. Тројца пациенти со срцева мана веќе се препратени на скопските клиники, од каде ни е потребна помош и просторно и кадарски , вели д-р Гзим Нуредини координатор на Ковид центарот при Клиничката болница Тетово. 

Катастрофална е состојбата и во гостиварско, каде во болницата се хоспитализирани 103 пациенти. Празни места нема, дел болнички се лекуваат на амбулантските кревети.

-Не се работи за четври бран туку за цунами, кое го коси полошко како последици на свадбите веселбите и непочитување на мерките, истакна д-р Ратко Наумовски раководител на инфективно одделение при Општа болница Гостивар. 

Спасот е вакцинацијата, оти и бројките тоа го покажуваат.

Според состојбата на терен можеби здравствените власти треба да подразмислат за воведување на некои посебни мерки за полошкиот регион, сметаат здравствените работници.