Скопје ќе прифати 190 луѓе: Mилионски бран тргнува од Авганистан

0
29

Од овој момент ќе има милиони политички и хуманитарни бегалци, авганистанскиот народ не сака леб, сака слобода, слобода без војна, порача авганистанискиот амбасадор во Софија.

Голем бран бегалци од Авганистан наскоро ќе стигнат до границите на балканските земји во транзитирањето кон европските. Не станува збор за економски, туку за политички и хуманитарни бегалци кои масовно ја напуштаат земјата по воздушен и копнен пат, откако таа е под контрола на талибанците.

 

Mакедонските власти веќе работат на координација и утврдување детали за привременото прифаќање граѓани од Авганистан. Станува збор за околу 190 лица: шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеле на одржувањето на мирот во Авганистан.

Милиони луѓе ќе заминат

Но, многу поголема ќе биде бројката на оние кои по копнен пат ќе тргнат кон Европа. Во разговор за бугарски медиуми на ова укажува авганистанскиот амбасадор во Софија, Мохамад Саифи.

„Бегаат кон Пакистан или Иран. Од Иран во Турција, потоа кон Бугарија или Грција и понатаму. Не станува збор за економски мигранти, туку за обид да останат живи. Младите Авганистанци не сакаат да се вратат назад. Особено не жените и младите девојки. Тие не сакаат бурки, тие не сакаат да бидат затворени во домовите. Ние веќе не сме оние луѓе од пред 20 години. Веќе знаеме што е демократија, што е слобода. Ниту талибанците, ниту кој било друг, никој нема да нѐ врати назад, како пред 20 години. Но убеден сум дека од овој момент ќе има милиони, милиони наши политички и хуманитарни бегалци. За жал. Нашиот народ не сака леб, сака само слобода, слобода без војна“, изјави Саифи.