Со стара опрема, дотраени и недоволно возила, тетовските пожарникари гасат пожари во регион со над 200 000 жители

0
18

Со стара опрема, дотраени и недоволно возила, тетовските пожарникари гасат пожари во регион со над 200 000 жители. Интервенциите најчесто знаат да бидат задоцнети и поради големата далечина на соседните рурални општини и до 30 километри. Единицата се соочува и со недостиг на пожарникари.

Тетовските пожарникари се подготвуваат за нови битки со пламените јазици, откако вчера гасеа пожари на 15 локации.Интервенцијата како и многу пати досега не беше навремена, поради старите камиони и немањето на доволно опрема.

-Најголем проблем се теренски возила кои ги немаме, а се потребни за пробивање по тесните улици и сокаци, како и низ полските патишта долж нивите и шумите каде сега најчесто избувнуваат пожарите, изјави Ука Алити командир на ТППЕ Тетово

А немањето на опрема и доволно и соодветни возила резултира со големи штети. Само во јули изгореа над 200 хектари засадени ниви, како и пасишта и објекти

Но маките на завршуваат тука. Тетовските пожарникари интервенираат и кај соседните рурални општини оддалечени и до 30 километри, затоа што ниту една од нив нема противпожарно друштво, иако законот тоа го налага.

Во единицата недостасуваат и 65 пожарникари, а на ниво на цела држава во противпожарните единици потребно е да се вработат дополнително 536 лица. Просечната старост пак на возилата за гасење пожари ширум земјава е околу 30 години, а најчесто се набавуваат половни возила стари околу 2 децении.