Меџити: Оставките треба да бидат прифатени, Заев: Функцијата никој не ја наследил од татко му

0
19

Пратеникот од редовите на ДУИ, Изет Меџити смета дека оставките на министерот за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, кои ги поднесоа поради трагедијата во Тетово, треба да бидат прифатени без никаква дилема. Како што додава, во развиените демократски земји министрите даваат оставки од морални причини, иако можеби не се директни виновници за одредена несреќа.

-Мислам дека нема дилема бидејќи тие поднесоа оставки и истите треба да бидат прифатени-вели Меџити.

Но, како ќе постапи Меџити како пратеник, доколку на дневен ред на Собранието се најдат оставките на министрите?

Како тема ќе ја третираме како ќе дојде во Парламент и таму ќе го кажеме завршниот збор. Сега за сега мислам дека само од морален аспект е добро што поднесоа оставки, без оглед на процедурите кои треба да бидат завршени докрај. Треба да се види дали има и кои се виновниците-изјави пратеникот на ДУИ.

Премиерот Зоран Заев, настојува дека за оставките ќе донесе одлука откако ќе заврши истрагата околу причините за пожарот во модуларниот центар во Тетово. Како што додава, никој не ја наследил функцијата од татко му, туку од народот.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара од собранискиот спикер Талат Џафери, на дневен ред да ја стави одлуката за оставките на Филипче и неговиот заменик Хасани. Велат дека Заев намерно ги одолговлекува оставките со цел да бидат заборавени.

Инаку, вчера пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската седница поради тоа што Џафери одби да го стави на дневен ред разрешувањето на министрите.

Тв 21