Горивата во Македонија полека стигнуваат цена од 80 денари по литар

0
20

Изминатиов период секој понеделник новата цена на горивата, е за денар или два поскапа. Со најновата одлука – Еуросупер 98 се точи за 78,5 денари по литар, додека литар дизел чини 68,5 денари. Авто плинот пак како најеколошки и најисплатлив – достигна цена од 46 денари за литар…

Но, што всушност плаќаат граѓаните за 78,5 денари литар гориво ?!

Набавна цена 37,307 денари/литар

ВО КРАЈНА ЦЕНА:

Трошоци за работење преку склад и трговска маржа 5,498 денари/литар

Транспорт 0,75 денари/литар

Животна средина 0,080 денари/литар

Задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати 0,890 денари/литар

За акцизи 22,00 денари/литар

-Во крајната цена освен набавната цена на бензинот влегуваат: маржата за складирање, транспортот, давачка за финансирање на активности во областа на животната средина и надоместок за задолжителни резерви, кои сите заедно чинат околу 8 денари, а како најголема давачка влегува и акцизата која изнесува дури 22 денари.

Цената на нафтата секојдневно урива рекорди на светските берзи па продажните цени стигнаа суми какви немало во последните 10тина години. Очекувањата се дека со олабавување на мерките од Корона кризата, побарувачката за гориво ќе расте, а тоа дополнително ќе ги зголемува цените.

За ублажување на ценовниот шок низа земји веќе преземаат мерки да ги заштитат граѓаните.

Хрватска веќе ги замрзна цените на горивата, додека соседна Србија е пред одлука да ја укине акцизата. Франција пак, ја разгледува можноста да воведе ваучери за точење бензин за домаќинствата со ниски примања.

Кај нас пак се уште нема најава дека државата на некаков начин ќе интервенира.

Македонија котира високо кога се ниските цени на гориво во прашање, сепак од соседите: во Бугарија и Босна се точи поефтино гориво од кај нас. Поради растот на цените српските граѓани изминативе недели наголемо одат во Босна да точат гориво.