РКЕ: Џафери не му се извини на Бислимоски

0
23

Денеска, министерот за економија Крешник Бектеши, истакна дека го осудува нападот врз претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, додавајќи дека Аријанит Џафери веќе му се извинил.

– Значи вака, имав прилика да го гледам видеото и ги осудуваме ваквите случувања. Бислимовски во разговор добил извинување и не е загрозена коалицијата. РКЕ е независна институција и тие одлучуваат во делот на исполнување на условите за лиценците, порача министерот.

Но, од Регулаторната комисија за енергетика велат дека досега немало извинување.

-Досега Џафери не му се извинил на претседателот Бислимоски, ни изјави Марина Узунов портпаролка на РКЕ, која додава дека останува надлежните институции да го расчистат случајот.

Во понеделникот, синот на Муса Џафери, Аријанит Џафери физички го нападна претседателот на РКЕ Бислимоски пред кафеана на улица „Боемска“. Причината поради која ескалирала ситуацијата е поради тоа што Регулаторна отворила постапка за одземање на лицената на фирмата У Повер поради недолично однесување на пазарот со струја, а чиј сопственик бил токму Аријанит Џафери. Тој вчера го признал делото и заработи кривична пријава.