Уште 23 милиони евра за доградба на тетовскиот театар и библиотека

0
21

Новиот објект каде треба да бидат сместени Тетовскиот театар и библиотеката ќе се опремува во наредните четири години со средства од 23 милиони евра од државниот буџет. Речиси се завршени градежните работи во објектот, кој сега во втората фаза ќе биде опремен со најсовремени аудио визуелни уреди, какви досега нема во државата, ќе се опреми ентериерот и инфраструктурата за библиотеката. За опремувањето, денеска беше потпишан Договор со изведувачите.

-Проектот за изградба на театар и библиотека во Тетово е еден од најобемните проекти, како во однос на реализацијата така и во однос на изградбата. Сега успеавме да ги финализираме постапките за почеток на втората фаза од изградбата, односно за ентериерот. Објавивме јавна набавка со отворена постапка, значи меѓународен повик, при што е избран понудувачот, а тоа е групата на понудувачи „НБ компани“ од Тетово и „Пелагонија“ од Гостивар со кои денес склучуваме договор за почеток на работите, изјави Арлинд Хусеини, директор на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.

Средствата за реализација на изградбата се обезбедени од Владата, преку програмата од Министерството за култура.

-Втората фаза ќе чини една милијарда и четиристотини и дваесет илјади денари или околу 23 милиони евра. Парите ќе се пуштаат по фази на изградбата се до декември на 2025 година, за кога е предвидено објектот целосно да биде завршен со градба и внатрешно да биде опремен, изјави Хусеини.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи присуствуваше на потпишувањето на договорот. Таа им честиташе на сите уметници од Тетово и им посакува да ги користат овие можности и успешно да не претставуваат не само во градот, туку и на меѓународни манифестации.

Новиот објект за театарот и библиотеката започна да се гради во 2014 година.