Тетовци без спокој и по две месеци случајот модуларна тапка во место,нема одговорност, истрагата како во почетна фаза

0
41

Мирисот на пеплосаниот објект повеќе не се чуствува, но сликата и по два месеци од пожарот во Модуларната болница во Тетово се уште сведочи за големата трагедија, која не потресе сите. Се е исто како и по првиот ден од пожарот и покрај тоа што поминаа цели 8 недели. Траки и вработени од болницата го обезбедуваа објектот. Ништо не е подигнато и расчистено, како истрагата и воопшто да не започнала. Одговорност не понесе никој. Освен извештајот од Министерството за внатрешни работи кој констатираше дека во модуларната настанал електричен спој, нема никакви други детали.

Извештаите од германските експерти и од техничкиот факултет за материјалот и квалитетот на модуларната болница ги нема. Предмет не е отворен, а кривично досега никој не одговарал.

Пред модуларната болница на пресс конференција со обвинувања излегоа од Иницијативата за Подобро Тетово.

Трагедијата во Тетово не е заборавена, без одговорност нема мир посочија оттаму

-Тетово и јавноста сакаат да знаат до каде е истрагата? Зошто Обвинителството објави дел од вештачењето на крим-техника без да го покаже извештајот на германските експерти? Дали овој извештај е издаден за амнестирање на одговорните во предизборниот период по барање на Владата?Нема детали од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција за тендерот и модуларните болници дали ги исполнувале основните стандарди за безбедност, управување и одржување.Досега немаме конкретен одговор дали болницата имала или не систем за противпожарна заштита, рече Хамдиу Сулејмани од Иницијативата за подобро Тетово

Оттаму побараа во истрагата да не се штеди никој, без разлика на неговата фунција.

Од Јавното обвинителство посочија дека ќе има одговорност, но се уште ги чекаат извештаите. Во меѓувреме тече постапката на сослушување на вработените во Клиничката болница , роднини и пријатели на починатите и преживеаните од модуларната, како и сите кои учествувале во изградбата, како и тендерската постапка поврзана со модуларната болница.

-Јавните обвинители кои преземаат дејствија во насока на расчистување на причините за пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, интензивно постапуваат. Се очекува во обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Република Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност, по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката, истакнаа од Јавното обвинителство.

Во модуларната болница во страотниот пожар загинаа 14 лица, кои со недели се бореа за кислород повеќе во овој објект, кој пожарот го проголта на неколку минути каде и на лице лесто згаснаа животите на ковид болните.