Лукашенко за мигрантите: Ние сме Словени, имаме срце (ВИДЕО)

0
41

Белорускиот претседател Александар Лукашенко во интервју за Би-би-си кажа дека е „апсолутно возможно“ војската на неговата земја да им помогнала на мигрантите да преминат во Полска, но негира дека мигрантите биле повикани да дојдат во Белорусија.

 

„Мислам дека е апсолутно возможно. Ние сме Словени. Имаме срце. Нашите трупи знаат дека мигрантите одат во Германија. Можеби некој им помогнал. Нема ни да се бавам со тоа“, кажа Лукашенко во интервјуто снимено во претседателската палата во Минск.

Меѓутоа, првиот човек на Белорусија негираше дека повикал илјадници мигранти во својата земја во обид да предизвика погранична криза со соседните земји од Европската Унија.

„Кажав дека нема да ги задржувам мигрантите на границата. Ако продолжат да доаѓаат, нема да ги сопирам, бидејќи тие не доаѓаат во мојата земја, тие одат кај тебе. Тоа го мислев. Но не ги повикав тука. И да бидам искрен, не сакам да одат низ Белорусија“, кажа тој.

ЕУ го обвинува Лукашенко дека го организирал доаѓањето на мигрантите и кризата на границата на ЕУ во знак на одмазда за санкциите кои на неговата земја ѝ беа воведени поради задушувањето на масовните опозициски протести по претседателските избори во август 2020 година.

Илјадници демонстранти и опозициски активисти беа тогаш приведени, а лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја беше протерана од Белорусија откако прогласи победа. Нејзиниот тим го критикуваше Би-би-си за интервјуто, кое го опишаа како „давање збор на диктатор“.