МАКЕДОНИЈА ПРЕД НОВ КОВИД БРАН

0
19

Вирусот почнува побрзо да се шири, состојбата се влошува, Македонија е пред нов бран. Во петок Комисијата за заштита од заразни болести ќе одлучува за евентуални нови мерки. До крајот на неделава ќе се изврши и анализа за да се види која мутација е присутна во земјава.

Влошувањето на епидемиолошката состојба го извади министерот за здравство на прес конференција по речиси цел месец пауза од појавување во јавноста. Вели дека  останува на министерската функција и не размислува за оставка по политичките случувања во неговата партија.

Изборите и непочитувањето на мерките на партиските митинзи не се причина според Филипче за порастот на новозаразени туку малиот опфат на вакцинација. Според Филипче наместо рестрикции потребно е зголемување на бројката на вакцинирани.

„Треба целокупните процеси да продолжат со превентивните мерки и да се зголеми опфатот на вакцинацијата, во земјите каде што е висок опфатот на вакцинацијата нема притисок врз болниците, така и кај нас еден од главните критериуми ќе биде пристисокот врз болничките капацитети.“ – изјави Филипче.

Вакцинацијата со месеци наназад стагнира. Само 39% од целокупното население е вакцинирано. Министерот информираше дека 99 лица и покрај тоа што примиле трета доза се заразиле со вирусот, регистран е и еден починат пациент со трета доза, кој што имал друга тешка болест, но досега нема регистрирано ниту еден кој што е хоспиталзиран.

Лекарите од ковид центарот на ГОБ „Осми септември“ каде што во моментов има околу 70 тина пациенти – велат дека ретки се случаите на пациенти кои што завршуваат на болничко лекување, а се вакцинирани.

„Ние забележуваме и од хоспиталзиациите дека повеќето пациенти кои што лежат или немаат примено вакцина или имаат примено само една доза, со втора доза многу малку пациенти имаме на болничко лекување и затоа најголемата причина се вакцините и населението треба да ги прими, треба малку свеста да се подигне кај населението.“ – вели вели д-р Танер Хасан – ГОБ „Осми септември“.

Според препораките на здравствените дози третата доза треба да биде на Фајзер, независно која е првата и треба да се добие шест месеци од примената втора доза. Освен за вакцинираните со синофарм и синовак, како и за имунокомпромитирачките пациенти. Кај нив третата доза треба да се прими по три месеци од втората доза.

Во врска со високата смртност од Ковид-19 пак, министерот Филипче вели оти состојбата допрва се анализира и дека рано е за некакви заклучоци од тие анализи.