Шаќири Марковиќ: Моето разрешување е класичен реваншизам поради брат ми, се гледаме на Управен суд

0
31

Разрешувањето од функцијата директорка на Националната установа „Театар комедија“ претстаува класичен реваншизам поради учеството на мојот брат Бени Шаќири на изборите за градоначалник на Скопје, вели во изјава за МКД.мк Нора Шаќири Марковиќ откако Министерството за култура објави дека ја разрешува од функцијата в.д. директор. „Никој не е вечен на функциите, и не е тоа проблем, туку затоа што немаше никаква причина за ваквиот потег“, вели Шаќири Марковиќ и најавува тужба пред Управниот суд.

Во моментов се наоѓам во „Театар комедија“ и ја чекам новоименуваната директорка (актерката Магдалена Ризова Черних, н.з.), но таа никако да се појави, вели Шаќири Марковиќ, за која денеска, како што веќе објави МКД.мк, министерката за култура Ирена Стефоска донесе решение за нејзино разрешување. Вели и дека вработените потпишуваат петиција за нејзино останување на првата позиција во театарот.

Во изјавата за историјатот на ова разрешување таа започнува од анонимната пријава за мобинг која, вели, била испратена до вицепремиерот за борба со коруцијата Љупчо Николовски, оттаму била препратена до Министерството за култура, а тие ја проследиле до Трудовиот инспекторат.

„Инспекторатот направи увид во минатиот понеделник и потоа констатираа дека не можат да донесат инспекциска мерка. Имав случај за недоаѓање на работа на еден вработен во техничкиот дел повеќе од три последователни дена, кој немаше денови за користење или пак годишен одмор, но тој си објави на фејсбук дека е на одмор. Потоа и си ја призна грешката и тоа е запишано. Казната на комисијата беше 30 отсто пониска плата. Но во однос на пријавата за мобинг, таа не е поднесена до соодветна институција, ниту до сидникатот. Тоа што е испратена до Љупчо Николовски е многу лош пат, но и порака, а знам од кого е иницирана ‘анонимната’ пријава“, вели Шаќири Марковиќ.

На прашањето, зошто во соопштението од Министерството за култура, во образложението на причините за разрешувањето, нејзиниот случај се поврзува со изборите и изборниот процес, Шаќири Марковиќ вели дека никаде во Изборниот законик не стои дека во време на изборна кампања е забрането да се поведе дисциплинска постапка за вработени.

Од Антикорупциската комисија, вели, до сега нема добиено ништо откако до нив инспекторот го испратил записникот.

„Никој не се родил како директор, па ниту јас и не е во тоа проблемот. Туку конечно во ова наше општество треба да се говори и за работата како е извршувана. Вратив долг од 200 илјади евра што го наследив од претходниот директор, го вративме репертоарот  на ‘Театар комедија’, имавме гостувања, имавме и три премиери и, конечно, се обновија меѓучовечките односи“, вели Шаќири Марковиќ и нагласува дека ќе поднесе тужба до Управниот суд, каде ќе треба да се разгледаат, „сомнителните околности на разрешувањето“.

Извор мкд.мк