Градежните работници не се согласуваат недела да биде неработен ден

0
38

Градежниците ќе бараат од Министерството за транспорт и врски препорака што поскоро да влезат во листата на сектори на кои ќе им се дозволи да работат и во недела.

Велат дека новите измени во Законот за работни односи сериозно ќе удрат врз градежништвото, ќе ги намали приходите на градежните компании а капиталните проекти ќе се реализираат многу побавно.

Гарантирам дека капиталните проекти ќе имаат забавено темпо по однос на она што сега го гледаме. Зошто? Затоа што и во сегашниот закон сме многу ограничени во работните часови, премногу празници имаме во текот на годината и кога на сето тоа ќе ја додадеме и недела како неработен ден ќе сфатите дека градежниците не можат да врзат еден континуиран циклус за работа“, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво во Стопанска комора.

Првиот човек на транспорт, Бочварски, не одговори конкретно дали законот ќе влијае негативно врз реализацијата на капиталните инвестиции, но кажа дека со добра организација не би требало да има застој во изведбите.

„Со добра организација на терен, со максимално брзо отклонување на сите прашања кои што ги имаат на градилиште, дали тие прашања се однесуваат на техничкито дел на проектот или на некаков институционален проблем, во тој случај секако дека нема да има поголем застој“, вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Ресорната министерка Шахпаска повтори дека заострените контроли предвидени со законот не допуштаат манипулации, па во интерес на газдите е да не посегнуваат веднаш по делење откази.

„ Мотивиран е работодавачот да го почитува законското решение затоа што лојалноста на работникот, желбата за непречено функционирање на техничко-технолошките процеси е клучно за да една компанија опстане“, вели Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Новиот закон ќе стапи на сила за 10 дена.