Пропадна и четвртиот тендер на ЕВН Хоум, повторно ЕСМ не достави понуда

0
16

Денеска не успеа ниту четвртиот обид на ЕВН Хоум да добие цена на електричната енергија што треба да ја откупи од АД ЕСМ за следната година

ЕСМ повторно не достави понуда за електрична енергија за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи, иако ова прашање се разгледуваше на владината седница во вторникот.

„Одлуката од Владата на Р. Северна Македоанија во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум за 2022г. се однесуваат на 6-месечен период, додека актуелниот тендер на ЕВН Хоум е распишан за 12-месечен период. Од тие причини АД ЕСМ денеска не поднесе понуда. АД ЕСМ ќе се јави на следниот повик на Универзалниот снабдувач кој треба да се однесува на периодот јануари-јуни 2022г.“, објави прес-службата на ЕСМ.

Од страна на ЕВН Хоум сега ќе биде распишан уште еден нов тендер иако роковите веќе се пробиваат. Како причина за пропаднатиот обид е наведено тоа што ЕСМ има амбиција 100 проценти да ги покрие потребите на универзалниот снабдувач, но се уште нема обезбедено толкав процент. за цела 2022.

Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, денеска објави дека ЕСМ за покривање на загубите има понуди за купување на електрична енергија од околу 300 евра по мегаватчас, што е неколкукратно поскапо во однос на времињата кога струја се купуваше и по 50 евра од мегаватчас.