Ќе се остварат ли најавите од СДСМ за покачување на минималната плата на 18.000 денари

0
48

Бизнисот поделен колку ќе може да издржи ново покачување на минималната плата.

Во пресрет на најавите дека минималецот од наредната година ќе се качува на 18 илјади денари, Миле Бошков, претседател на бизнис конфедерацијата смета дека големите компании ќе немаат проблем да исплаќаат повисоки плати, но оваа одлука ќе биде удар за малите бизниси.

„Во различната структура на економијата некои од корпоративно управуваните компании можат да го издржат зголемувањето на минималната плата, или пак, поточно исплаќаат и повеќе од минималната плата. Меѓутоа, сметам дека микро, малите фирми и занаетчиите и самостојните вршители на дејност кои исто така ги опфаќа Законот за работни односи и Законот за минимална плата ќе мора да најдат начин како да пливаат во исполнување на законските обврски поврзани со минималната плата.“ изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација.

Синдикатите пак одлучни, в недела на протест, велат – ветувањата за покачување на минималецот останале само на „збор“. Дарко Димовски, претседател на ССМ утринава во гостување на Канал 5 истакна дека тоа е само една од причините поради која излегуваат на улица. Протестот симболично ќе биде пред Собранието, поради револтот и кон пратениците за неносење на Законот со кој недела треба да биде неработна.

„Можат пратениците кои се народни избраници баш за 5 минути да го изгласаат, ако знаат дека тоа е договорено на Социјалниот совет помеѓу работодавачите, работниците и Владата. Не гледам причина, тоа ја прели чашата, за тоа целиот протест го усмеруваме кон Собранието. Еве до ден денес чекаме одговор, но веќе е доцна. Ние во недела ќе си искочиме, ќе не видат кои сме што сме и нашите барања ако не се исполнат, сигурно ќе ги радикализираме. Тој штрајк е еден од основните фундаментални работи кои ќе ги правиме ќе биде блокирање на Собранието. “ истакна Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Дека трошоците за живот растат побрзо од платите, говорат и статистичките податоци. Синдикатот пресмета дека 34.893 денари биле потребни за да се помине ноември.

Па така, на едно четричлено семејство со две минимални плати, им недостигаат близу 100 евра да ги подмират само основните потреби.