САД одобрија вакцина за деца од 12 години, Индија на деца од 15 години, а Израел четврта доза

0
67

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) го прошири овластувањето за итна употреба на засилувачка доза на вакцината на Фајзер/Бионтек против Ковид-19 за да вклучи деца на возраст од 12 и повеќе години, додека Израел одобри четврта доза вакцина за постари од 60 години и медицински персонал.

Индија од вчера почна со вакцинирање деца на возраст од 15 до 18 години во обид да ја заштити најголемата адолесцентна популација во светот, стравувајќи дека многу заразната варијанта Омикрон може да предизвика експлозија на инфекции со Ковид-19. Приватните и државните училишта ќе го удвојат бројот на центри за вакцинација за деца, а училишните власти мора да им дадат податоци за вакцинација на властите.

Во меѓувреме, Австралија потврди рекорден број на дневни инфекции со коронавирус, но и покрај тоа властите најавија дека ќе продолжи да ја отвора својата економија. На национално ниво, бројот на новозаразени е 37.150 во изминатите 24 часа, што е најголем број од почетокот на пандемијата.

Повеќе од 4.000 летови беа откажани ширум светот во текот на вчерашниот ден, повеќе од половина од американските компании, делумно поради лошите временски услови, но најмногу поради зголемувањето на инфекциите со сојот Омикрон на коронавирусот. Според FlightAware.com, вчера биле откажани 2.400 полетувања кон и од САД. Во светот, повеќе од 11.200 летови доцнеа или беа одложени. Меѓу компаниите со најмногу откажувања се SkyWest и SouthWest, со 510 и 419 откажувања. /MИА/.