По објавеното видео дека не работат, инспектори забраниле да се фрла сметот во контејнери

0
20

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, тврди дека комунални инспектори од ЈП „Комунална хигиена“ им забраниле на општинските чистачи да го фрлаат сметот од јавните површини во градските контејнери, затоа што тој јавно објави дека хигиеничарите на претпријатието не работат.  Од „Комунална хигиена“ велат дека немаат надлежност за вршење инспекциски надзор, ниту, пак, имаат вработени инспектори, туку дека се работело за вработени во екопатролата. Велат дека во посочениот реон на булеварот „Партизански одреди“ се ангажирани вкупно седуммина работници кои работат во прва смена и оти во изминатиот период немале поплака за нивното работење од граѓани, на дежурниот телефон

По објавата на градоначалникот Стевчо Јакимовски дека ЈП „Комунална хигиена“ ја одржува хигиената во Општина Карпош само со тројца работници, раководството на јавното претпријатие наместо да ги подобри контролата и организацијата на работата на своите работници, испратило четворица комунални инспектори кои ѝ забраниле на службата на Општина Карпош за одржување на хигиена да го фрла сметот во нивните контејнери.

– Подолго време констатирав дека на терен речиси и да ги нема чистачите од „Комунална хигиена“, и од тие причини направив контрола при која констатиравме дека се вкупно тројца работници на територијата на Општина Карпош, од кои еден работи, а другите двајца седат. Истото се случи и наредниот ден. И кога го објавивме ова јавно, верувале или не, наместо раководството на ЈП „Комунална хигиена“ да си преземе мерки кон своите вработени и да види колку работат тие на територијата на Општина Карпош, ни испратија четворица комунални инспектори, со цел да ги оневозможат нашите вработени кои ја одржуваат хигиената (ние им помагаме ним) во одржување на хигиената, забранија ѓубрето и хартијата што ги собираме да ги фрламе во нивните контејнери. Тие биле нивни мираз – револтирано објави Јакимовски во видеозапис.

Од тие причини, објаснува Јакимовски, е направен уште еден инспекциски надзор со видеозапис кој, како што истакна тој, јавно ќе биде објавен за уште еднаш да се види како работат работниците на „Комунална хигиена“ на територијата на Општина Карпош.

– Не може на 24.500 домаќинства кои плаќаат и каде што е највисока наплатата во целиот град, да има вкупно тројца работници, од кои двајца постојано одмораат, ама за тоа да имаат четворица комунални инспектори. Мојата, односно нашата работа никој не ја работи, ама, во исто време, немам намера да ја работам нивната работа. Секој што зема народни пари, треба да си ја работи својата работа – дециден е Јакимовски.

По обвинувањата од Јакимовски, се огласија и од ЈП „Комунална хигиена“. Тие велат дека немаат надлежност за вршење инспекциски надзор, ниту, пак, имаат вработени инспектори, туку дека се работело за вработени во екопатролата на претпријатието, кои се задолжени за едукација и информирање на лицата или правните субјекти што се затечени дека ги прекршуваат Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпад.

– Тие се униформирани, со јасни обележја дека станува збор за вработени во претпријатието и извршуваат исклучиво едукативни и информативни активности на терен со корисниците на услугите на претпријатието, поврзани со правилно одлагање на отпадот во поставените садови – информираат оттаму.

Нагласуваат дека садовите за отпад поставени на јавни површини се наменети исклучиво за одлагање неопасен мешан комунален отпад од домаќинствата. Тврдат дека јавната хигиена во градот се одржува според однапред утврдени план и програма за работа, така што во секој момент е познато колку лица се на терен во одреден реон.

Што се однесува до бројот на работници во Општина Карпош, од претпријатието информираат дека во посочениот реон во Општина Карпош, на булеварот „Партизански одреди“, се ангажирани вкупно седуммина работници кои работат во прва смена и во текот на изминатиот период, за посочениот реон, немале добиено поплаки на дежурниот телефон оти несоодветно се одржува хигиената на јавните површини, но и дека секојдневно, директно од претпоставените од Секторот за одржување на јавната хигиена, се врши проверка на активностите на терен кои се под надзор и на Одделението за професионална одговорност.

– Очекуваме тие да имаат разбирање за работниците што ја одржуваат хигиената на јавните површини, а како и сите други лица, имаат право на пауза за да се одморат или да земат оброк. Тие лица не работат во канцеларии и немаат друго место за пауза, освен клупите поставени на јавни површини – образложуваат од претпријатието и ги повикуваат жителите на Скопје сите поплаки и проблеми поврзани со нивните активности да ги пријават на дежурниот телефон: 3216- 644.

Вечер