Путин вели дека е подготвен да испрати делегација во Минск на преговори со Украина

0
42

Русија е подготвена да испрати делегација во белорускиот главен град Минск за преговори со Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, еден ден откако Москва ја започна инвазијата на Украина.

Песков изјави за руските новински агенции дека Русија е подготвена да испрати делегација во која ќе има претставници на Министерството за надворешни работи и за одбрана. Украина изрази подготвеност да разговара за тоа да се прогласи како неутрална земја.

Песков истакна дека демилитаризацијата мора да биде клучен елемент за тоа.

„Владимир Путин е подготвен да испрати руска делегација во Минск на ниво на министерства за одбрана и надворешни работи и на Кабинетот на претседателот за да преговара со украинската делегација“, рече Песков.

Минск и дозволи на Русија да ја искористи белоруската територија за да ја нападне Украина. Оттаму руските сили во моментов се движат кон Киев. Кремљ систематски одбиваше разговори со Украина и покрај постојаните барања на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред да започне инвазијата во четврток.

Украинскиот претседател неколку часа пред почетокот на руската инвазија изјави дека залудно се обидувал да стапи во контакт со Путин.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека целта на руската инвазија на Украина е да се „ослободат“ Украинците од „угнетувањето“, со што се стави до знаење дека Москва сака да ја собори владата во Киев. Тој додаде дека Русија е подготвена за преговори доколку Украина „го остави оружјето“, пренесе Индекс.хр.