Демографски егзодус во западна Македонија изминативе две децении

0
27

Одливот на млади мозоци, намалениот наталитет, како и исселувањето на цели семејства, ги испразни дел од руралните места во западна Македонија, а демографската слика не е подобра и во градовите. Мора да се направи стратегија за регионален развој, за да не ни се испразнат селата, а истовремено да се работи на подобрување на економската клима, која е главната причина за напуштањето на земјата, а со тоа и стареењето на населението, посочуваат експертите, кои ги консултираше МТВ.

 Демографски егзодус во западна Македонија изминативе две децении. Ако продолжи ваквиот тренд, дел од руралните општини ќе останат и без население.

Последниот попис покажува дека во општините Маврово – Ростуште и Центар Жупа има 40 % помалку население, споредувајќи ги бројките со пописот од 2002 година.

За 30 % е намалено населението во Дебарца, а 20 % помалку жители има во општините Врапчиште и Теарце.

Долгата транзиција , невработеноста особено на младите кои масовно си заминуваат од земјата е главната причина поради која се празни државата, вели Универзитетскиот професор по социологија Али Пајазити.

Дополнително расте бројот на тие кои одбиваат да склучат брак, а традиционалните повеќедетни семејства се се помалку.

Проферката Беса Арифи вели дека спроведениот попис е за поздравување, но веднаш треба да се започне со градење на политики за да се спречи миграцијата, особено од руралните места. Таму младите не гледаат перспектива и се иселуваат, или во странство, или во поголемите градови.

Не треба да се гледа на пописот само од етничка гледна точка, поголемо внимание да обрнеме на намалувањето, а со тоа и на стареењето на популацијата, додава Арифи.  

Нејзиниот колега Пајазити вели дека нашиот развој не треба да зависи од некакви етнички бројки. Треба да се размислува  и делува надетнички каде човекот е индивидуа, само така можеме да се спасиме од политизираното општество.