Затвореник во тетовскиот затвор – Слободно можам да кажам дека тука ми изгледа како хотел со 5 ѕвездички, како кога си во Анталија.

0
41

Ова е затворот во Тетово. Има капацитет за 48 лица, но во моментот казна издржуваат 80, што е речиси двојно повеќе. Екипата на ТВ21 влезе внатре за да види како изгледа животот во затворските ќелии во која се сместени лицата осудени за дела до 3 години, оние до 6 месеци кои го повториле кривичното дело, како и лицата кои се во притвор.

„Се наоѓаме во просториите на затворот во Тетово, односно во ќелија со затворен третман и како што можете да видите има нови кревети, нови тоалети, а опремени се и со телевизор. Денеска ќе останеме во овие простории за да видиме – како изгледа еден ден во овој затвор“, вели репортерот на ТВ21.

Затворот е полуотворен. Секој затвореник пред да добие правосилна пресуда, престојува во просториите за прилагодување. Влеговме во ќелија каде казната се издржува со затворен третман. Затворениците велат дека деновите течат бавно, но додаваат дека условите се добри.

„Во моментов состојбата е подобрена во затворот во Тетово. Веќе три месеци е подобро, за разлика од порано кога беше навистина лошо“.

ТВ21: Можете ли да ни кажете како ги минувате 24 часа тука?

„Поминуваат добро. Ни овозможија и телевизор, нѐ пуштаат да прошетаме по еден и пол или два часа и толку. Спиеме. Имаме една соба за спиење, една соба за телевизор, кој порано го немавме“.

ТВ21: Дали можеш да направиш споредба – како беше таму, а како е тука?

„Како не можам. Слободно можам да кажам дека тука ми изгледа како хотел со 5 ѕвездички, како кога си во Анталија. Таму храната беше катастрофа, и собите беа во катастрофална состојба. Кога дојдов тука беше како да се родив по вторпат, бидејќи првпат сум во затвор“.

Директорот на затворот, Ќефали Хавзиу, кој нѐ придружуваше за време на посетата, но не сакаше да говори пред камера. Тој ни раскажа за предизвиците во менаџирањето и подобрувањето на условите, но и држењето наркотични средства подалеку од затворот. Пред 10-тина дена имаше обид од надвор да се внесат вакви супстанци, вели тој, но како што додава, чуварите го забележале тоа и ја спречиле акцијата. Хавзиу ни рече дека во моментов во затворската установа има тројца осуденици кои примаат метадонска терапија. По секој нов прием или пуштање за викенд, затворениците се тестираат на дрога, заклучува тој.