Зеленски: Ја браниме портата на Европа од варварски налет

0
24

За руските трупи, Украина е портата на Европа низ која сакаат да се пробијат, но не смееме да дозволиме да помине варваризмот, порача Зеленски во обраќање до италијанските пратеници

И Лавов настојува да им помогне на луѓето од Мариупол, згрижувајќи голема група жени и деца што успеале да се евакуираат од градот, кој веќе со недели е постојано гранатиран од руските сили.

Околу 1.000 граѓани од Мариупол пристигнаа вчера на железничката станица во Лавов и од таму ќе бидат згрижени во прифатните центри во градот. Во овој конвој на извлечени граѓани од најтешко погодениот украински град има и новинари и хуманитарци, кои се особено често цел на киднапирања од руските сили.

Во понеделникот 8.000 граѓани се евакуирани од кризните подрачја. Најмалку по 1.000 граѓани секој ден се евакуираат претежно од источните делови на Украина каде што нападите се најжестоки. Доставата на хуманитарната помош се одвива подобро и веќе се испратени повеќе од 20 тони хуманитарна помош во погодените региони. Голема утеха за украинските граѓани во моментов е и најавената помош од Европската Унија од 500 милиони евра.

Во текот на ноќта во Лавов имаше пократки тревоги за опасност, но службите регистрираат голема активност на небото над Украина. Во Киев е прогласен дводневен полициски час по нападот врз трговскиот центар и други објекти во главниот град. Таму, според јавувањата од колегите, има улични борби и бомбардирање. И во Одеса имаше напади иако претходно деновиве не беше цел на напади.

Претседателот Володимир Зеленски порача дека е подготвен да преговара лично со рускиот претседател Владимир Путин, но предупреди дека за каква било одлука, ќе мора да се произнесе и украинскиот народ на референдум.

Налет на варваризам

Украина е на работ на опстанок во војната со руските сили, но очајно ѝ е потребна помош за да ја одбрани Европа од „налетот на варваризмот“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски, обраќајќи им се на италијанските пратеници преку видеоврска.

– За руските трупи, Украина е портата на Европа низ која сакаат да се пробијат, но не смееме да дозволиме да помине варваризмот – изјави Зеленски, истакнувајќи дека „руската војска ги разурнува украинските градови и цивилите“.

Украинскиот претседател предупреди дека последиците од војната веќе се чувствуваат во целиот свет.

– Најужасниот проблем е гладот што се приближува до некои земји. Украина секогаш била една од најголемите извознички на храна, но можеме ли сега да сееме додека бие руската артилерија – порача Зеленски.

Поздравувајќи го „херојскиот отпор на Украинците спроти руската инвазија“, италијанскиот премиер Марио Драги вети дека неговата земја ќе им помогне на цивилите што бегаат од војната, но ќе ѝ даде и воена помош на Украина.

– Ароганцијата на руската влада се судри со достоинството на украинскиот народ, кој успеа да ги запре експанзионистичките цели на Москва и да ѝ нанесе огромна штета на армијата што изврши инвазија – изјави Драги.

Огромни руски штети

Украинската армија го предупреди населението да се подготви за нов бран „напади врз виталната цивилна инфраструктура, користејќи неселективна муниција“. Во редовниот извештај, армијата објави дека руските сили „го загубиле офанзивниот потенцијал“ и биле „принудени да повикаат засилување од Русија, но и дека успеале целосно да ѝ го блокираат на Украина пристапот до Азовско Море.

Олексиј Арестович, советник на претседателот Зеленски, оцени дека „очигледен приоритет“ на руските сили е да воспостават контрола врз Киев, но предупреди дека тоа би било „самоубиство“ за Москва.

Само во завчерашните пресметки, според украинската армија, биле неутрализирани околу 300 руски војници, а од почетокот на инвазијата пред четири недели биле убиени или ранети 15.000 руски војници и биле уништени стотици тенкови. Од руските гранатирања, пак, целосно е уништен градот Мариупол на брегот на Азовско Море, а во Харков биле уништени речиси илјада згради и биле убиени најмалку 500 цивили.

Вашингтон и Москва повторно разменија обвинувања дека планираат да употребат и биолошко и хемиско оружје во Украина, но ниедна страна не ги поткрепи тврдењата со објавување докази.

– Путин е притиснат до ѕид и сега лажно тврди дека ние во Америка имаме биолошко, како и хемиско оружје во Европа, а тоа едноставно не е точно. Тие тврдат дека и Украина има биолошко и хемиско оружје, што е јасен знак дека токму Русија планира да користи такви оружја – изјави Бајден.

Врховната рада на Украина предупреди дека околу Чернобил се активни најмалку седум пожари, регистрирани од сателитот „сентинел-2“ на Европската вселенска агенција. Според знаците за класификација за итни случаи, критериумите за пожар во зоната на исклучување не смеат да надминуваат обем од 0,05-0,2 квадратни километри, но состојбата на пожарната зона ги надминува тие бројки десетици пати. Во врска со пожарите, ризиците од радијација се зголемуваат во радиус од 10 километри од нуклеарната централа Чернобил.

НХЦР: Повеќе од 3,5 милиони бегалци ја напуштиле Украина

Агенцијата за бегалци при Обединетите нации соопшти дека повеќе од 3,5 милиони бегалци досега ја напуштиле Украина поради руската инвазија.

Високиот комесаријат за бегалци на ОН прецизираше дека од 24 февруари до вчера од Украина избегале 3.528.346 лица. Повеќе од 2 милиона од нив, засолниште побарале во соседна Полска.

 

Извор Слободен печат