Поранешниот министер за земјоделство препорачува да се сее пченица

0
21

Многу е важно индивидуалните земјоделски производители да се охрабрат и без страв од некаков ризик да ги започнат земјоделските активности во обработката на земјоделските површини за производство на жито, за што е потребно и државата дополнително да ги мотивира. На Македонија ѝ е потребно секое парче земјоделско земјиште за производство на пченица. Впрочем често пати земјоделското производство било едно од носечките стопански гранки, особено во услови какви што се денешниве, напиша на својот фејсбук-профил Љупчо Димовски, поранешен министер за земјоделство.

 

Тој потсети на на иницијативата на земјите членки на ЕУ за зголемување на земјоделските површини кои ќе се обработуваат и зголемување на производството на храна.

„Секако и Република Македонија, иако сè уште неполноправен член на ЕУ, преку прилагодувањето на своето законодавство кон европското Acquis communautaire и во делот на аграрните политики требаше да ја следи политиката на зголемување на сопственото земјоделско производство. Ова е особено важно затоа што секоја земја која има земјоделско производство може самостојно да ги задоволи потребите на својот пазар, односно на населението, што значи дека таа е отпорна на надворешните влијанија, таа е незавидна и е во состојба самата да се грижи за сопствените граѓани и нивните потреби.

Воените случувања придонесоа за значително и сериозно пореметување на пазарот со земјоделските производи, односно со тешко надоместливи количини, пред сè на житарици, кои во значителен процент од светското производство, дури до 35%, се произведуваат во регионот на конфликт. Затоа е сè поочигледен недостатокот од овие земјоделски стратегиски производи. Како последица од пореметувањето на понудата и побарувачката пазарниот механизам реагира со драстично зголемување на нивната цена, односно со сè поголемиот недостаток на житарици.

Македонија е дел од заедничкиот глобален пазар и таа е подложна на влијанието на понудата и побарувачката на земјоделски производи, односно на храна. И нашата држава не е исклучок затоа што и таа како и сите останати држави се соочува со сериозни проблеми во обезбедувањето на стратегиските земјоделски култури.

Затоа мора да се дејствува во две насоки: во обезбедувањето на дефицитарните земјоделски производи со увоз и во интензивирањето на сопственото земјоделско производство.

Тоа значи проширување на обработливите земјоделски површини, во зголемување на приносот по единица површина и конечно во зголемувањето на вкупното земјоделско производство.

Ова е сериозен предизвик за македонскиот аграр“, пишува меѓу другото во својот фејсбик-пост Димовски.

Изминативе неколку години Македонија се соочува со намалување на вкупната земјоделска обработлива површина и на вкупното производство на пченица, јачмен, рʼж или ориз. Вкупните потреби на Република Македонија за пченица на годишно ниво изнесуваат од 310 до 330 илјади тони. Во 2014 година Македонија произведе 335 илјади тони пченица на над 100 илјади хектари земјоделско земјиште. Последниве неколку години земјоделските површини посеани со пченица изнесуваат околу 78 илјади хектари или вкупно производство на пченица од околу 265 илјади тони.

Мкд.мк