Никола Димитров: Македонскиот народ со право е навреден

0
34

Денеска се огласи и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров со критики за бугарската политика кон Македонија, но и кон македонските власти за нивото на толеранција кое го имаат.

„За вистинско пријателство недостасува клучен елемент – основна почит кон соседот, нешто што само ние го обезбедуваме.

Надворешната “политика” на владата кон Бугарија е збир на постојани концесии и на бескрајно трпение за провокации и навреди, без притоа другата страна да се помести од нивните првични позиции од некој друг век и свет.

Оваа “политика” и за аматери е јасно дека е погубна и никако ама никако не може да се спакува како “мудрост”. Таквата “политика” не само што го потхранува апетитот на Бугарија и потврдува дека ветото е продуктивно и работи за нив, туку не води сметка за достоинството на македонскиот народ, кој со право се чувствува навреден и онеправдан, вклучувајќи и од вчерашната парада во Битола“, напиша Димитров на Фејсбук.

Поранешниот министер за надворешни работи упати и критики кои алудираа на актуелниот шеф на македонската дипломатија Бујар Османи, кој демантираше дека има нов документ понуден за постигнување на договор за надминување на спорот и дека всушност бугарската страна го одбила португалскиот.

 

„Внимавајте, ние сме дале документ и подготвени сме да го прифатиме, само чекаме одговор. Одговорот стигна веднаш следниот ден дека тој документ е неприфатлив за Софија. За потоа нашите да се дообјаснуваат дека документот демек бил португалскиот предлог, што е смешно само по себе оти тој одамна е јасно дека не само што е неприфатлив за Софија, туку и директно македонската страна го погази, испорачувајќи нота до ОН, наместо до ЕУ.

Од изјавите на премиерот Петков знаеме дека нашата влада прифатила да преземе обврска да ги вметне Бугарите во Уставот, само се разговарало кога тоа да се направи: дали тоа да биде услов за почетокот на преговорите или да биде услов на следната кривина – отворањето на првиот кластер темели.

Тоа значи дека сегашната влада направила двојни концесии за бугарското барање во однос на позицијата на претходната влада. Прво, се сложила да усвои амандман на Уставот на почетокот на преговорите. Претходната влада тоа го постави на крајот на процесот, при зачленувањето во ЕУ.

Второ, владата сега ветува нешто што може да го испорача само двотретинско мнозинство во Собранието. Претходната влада разговараше за можноста да иницира уставен амандман до Собранието, на крајот на европскиот пат, кога секако ќе се отвори Уставот заради зачленувањето, оти без симнување на сите антиевропски предизвици кон македонското мнозинство од страна на Бугарија, нема никаква основа во Уставот да се запише бугарското малцинство“, смета тој.

Димитров порачува дека во моментов од другата страна нема спремност за добрососедски разговор што прилега на 21от век и да се зафатиме со работа дома.

„Во меѓувреме, односите треба да се приспособат на реалноста, а работите да се наречат со вистинските зборови. Ветото е непријателски чин. Уцена. Негирањето на правото на самоопределување е грубо мешање во суверенитетот и во една исклучиво наша работа. Тоа е непријателски чин.

Еднаш за антиевропската бугарска политика кон Македонија реков дека со вакви “браќа” не ни требаат непријатели. Но, за жал, и со ваква надворешна “политика” на сопствената влада изгледа нема да ни требаат непријатели.

Северна Македонија е независна и суверена држава, членка на НАТО, а не нечија провинција. Така треба и мора да се однесува“, додава Димитров.