ЕРДОГАН ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА ГО ПОДРЖИ ЗАЧЛЕНУВАЊЕТО НА ФИНСКА И ШВЕДСКА ВО НАТО

0
42

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека не е возможно членката на НАТО Турција да ги поддржи плановите на Шведска и Финска да се придружат на Алијансата, додавајќи дека нордиските земји биле „дом на многу терористички организации“.

Финскиот план да поднесе барање за членство во НАТО, најавен вчера, и очекувањето истото да го направи Шведска, ќе доведе до ширење на западниот воен пакт на што се противи Русија.

„Го следиме развојот на настаните околу прашањето на Шведска и Финска, но немаме позитивен став“, им кажа Ердоган на новинарите во Истанбул, истакнувајќи дека било грешка тоа што Грција во минатото била прифатена за членка на НАТО.

Турција официјално го поддржува проширувањето откако се придружи на НАТО пактот пред 70 години.

Секоја одлука за проширување мора да биде донесена со едногласна поддршка од сите земји членки.

„Како Турција, не сакаме да повториме слични грешки. Дополнително, скандинавските земји се дом на терористички организации“, кажа Ердоган, без да го елаборира турскиот став.

„Дури се и пратеници во некои земји. За нас е невозможно тоа да го поддржиме“, додаде.

Шведското министерство за надворешни работи не ја коментираше веднаш изјавата на Ердоган.

НАТО наведува дека членството е отворено за која било „европска држава во позиција да ги промовира принципите на Северноатлантската алијанса и да придонесе на безбедноста на северноатлантскиот регион“.