ВО БРВЕНИЦА ОТКРИЕНА СПОМЕН БИСТА ВО ЧЕСТ НА КУЗМАНОСКИ КОЈ КАКО ПРИПАДНИК НА СПЕЦИЈАЛНАТА ЕДИНИЦА ТИГРИ ЗАГИНА ВО ДИВО НАСЕЛЕ

0
44

Денеска, во тетовска Брвеница беше откриена спомен биста во чест и вечен помен на загинатиот припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар” Жарко Кузмановски, кој на 9-ти мај 2015 година, пред точно 7 години, како лидер на тим извршувајќи службени задачи, заедно со уште 7 колеги, прерано го загуби својот живот во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво насеље, а во одбрана на Уставот и суверенитетот на својата држава.

Жарко Кузмановски со неговата трагична смрт како наш бранител, припадник на македонската полиција, го заслужи своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои кои оставија вечна трага во историјата на нашава татковина, но и аманет за иднината на генерациите што доаѓаат, бидејќи не постои држава во чии темели не се вградени животите на нејзините најхрабри синови. Така и нашата татковина, Република Северна Македонија е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва дадена од многу нејзини херои, а наши браќа, синови, татковци, другари, пријатели… Ова спомен обележје во чест и вечен помен на незаборавот кон Жарко, не е никаква отплата на долгот кон него, оти она со што тој, како и другите неговите колеги и соборци не задолжиле се враќа само со хумани, професионални, благородни дела, со се она добро, чисто и честито, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој положи цвеќе пред споменикот на Кузманоски

Загубата е ненадоместлива и речиси е невозможно да се исполни празнината што како колеги, пријатели, блиски ја споделуваме во изминативе седум години од трагичното загинување, дополни Спасовски

Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетовско
Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостиварско
Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетовско
Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци, Скопско
Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар
Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје
Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје
Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје

Нека им е вечна слава!