Петков со совет до Ковачевски: Биди храбар и прифати го предлогот

0
33

Оној што немаше политичка храброст ги подучува другите како да соберат таква храброст и да прифатат тешки политички решенија. Така бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков го подучува македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Откако самиот тој и неговата влада (која падна во средата) одбија да се изјаснат за францускиот предлог и покрај тоа што таквите одлуки според бугарскиот устав се надлежност на кабинетот, Петков сега му советува на Ковачевски да соберел храброст и да го прифател францускиот предлог.

„Да бев на негово место немаше да размислувам два пати“, вели Кирил Петков во разговор за бриселски „Политико“ пред денешниот втор ден од европскиот самит. Тој во разговорот уште наведува дека Ковачевски со таа одлука можел да влезе во историјата како човек што ја отворил вратата за Македонија во ЕУ, па макар за тоа и да паднела неговата влада.

„Политико“ ги пренесува и вчерашните изјави изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека целата работа што се случува во ЕУ е „нефер спрема Македонија“.

Еве го разговорот на Кирил Петков со новинарот на „Политико“, кој изгледа дава конечна потврда дека надежите кои самиот тој ги поттикнуваше кон македонската јавност за фер договор за симнување на ветото биле измислени.

„Политико“ пишува:

„Бугарскиот премиер во заминување Кирил Петков во петокот го повика својот македонски колега Димитар Ковачевски да биде храбар и да го прифати компромисот предводен од Франција кој ќе ја отвори вратата за Скопје да започне формални преговори за членство во ЕУ.

Но, Петков призна дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што самиот Петков се соочи – и изгуби – гласање за доверба во средата.

На крајот на денот, знам дека е многу политички тешко“, рече Петков во интервју за „Политико“ во Брисел, токму кога бугарскиот парламент се очекуваше да гласа во петокот за прифаќање на францускиот предлог.

„И знам дека ризикот од соборување на владата е – многу голем ризик“, продолжи тој.

„Како политичар треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? – Дали мојата цел е да бидам стабилен? – Или мојата цел да ја водам државата – да направам чекор напред – не е конфорно да одам таму. И мислам дека ова е одлуката што мора да ја направи Димитар Ковачевски. Да бев на негово место немаше да размислувам ни два пати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро … достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“.

Петков е во Брисел е на самитот на Европскиот совет, каде Бугарија е под остри критики за попречување на пристапните преговори на Македонија, не само од Ковачевски и од другите лидери од Западен Балкан, туку и од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ.

„Дали е ова фер во однос на Северна Македонија? – Ќе кажам многу искрено: „не“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за печатот на Самитот на лидерите на ЕУ во четвртокот вечерта. „Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија овие последни месеци“.

Макрон го пофали Петков, за кој францускиот претседател рече дека ‘направил сè’, но рече дека Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.