РАДЕВ НЕМА ДА ОДИ КАЈ МАКРОН, ВЕЛИ НЕМА СО НЕГО ЗА ШТО ДА РАЗГОВАРА, ОТИ НЕМАЛО НАПРЕДОК СО МАКЕДОНИЈА

0
26

Бугарскиот претседател Румен Радев нема да патува во Париз, на разговори кај својот француски колега Емануел Макрон, околу темата Македонија. Вели немало никаков напредок во разговорите меѓу Скопје и Софија, па не гледал причина за што би разговарал со Макрон. Оваа реакција на Радев доаѓа по информациите дека првиот човек на Франција ќе ги повика него и премиерот Кирил Петков, со предлог за отворање на преговорите за Македонија, каде бугарските услови би станале дел од преговарачката рамка.

-Нема напредок во разговорите меѓу Софија и Скопје, поради тоа нема ниту основ за таква моја посета на Париз. Ja ценам посветеноста и поддршката на нашите европски партнери, но јас сакам да видам реални резултати. Што се однесува до убедувањето на премиерот дека последната инстанца по темата Република Македонија е Парламентот, морам да појаснам дека последната инстанца секогаш е народот, изјави Радев.

И додека официјална Софија и дефинитивно зборува во два различни „тона“ во однос на Македонија, грчкиот премиер Мицотакис смета дека за Европа решенението на проблемот меѓу Македонија и Бугарија треба да е врвен приоритет.

-Не смееме да го заборавиме Западен Балкан. Ова е тема што длабоко не допира. И првиот приоритет што го имаме во овој поглед е да обезбедиме решение на отвореното прашање меѓу Бугарија и Македонија, за да можеме, како Европска Унија, да ги започнеме релевантните преговори со Македонија и Албанија, истакна Мицотакис.