Вучиќ: Србија нема да гласа за исклучување на Русија од Советот за безбедност

0
24

За исклучување на Русија од Советот на безбедност потребно е двотретинско мнозинство, а Србија нема да гласа за тоа, рече српскиот претседател Александар Вучиќ посочувајќи оти исклучувањето на Русија негативно ќе се рефлектира и врз Србија, особено, како што кажа, во однос на Косово

Речиси сум сигурен оти западните сили ќе се обидат да ја исклучат Русија од Советот на безбедност на Обединетите нации (ОН), рече претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа од Њујорк каде што се одржува 77. сесија на Генералното собрание на ОН.

Сепак, додаде тој, за тоа е потребно двотретинско мнозинство, а Србија нема да гласа за тоа.

„Потребно е двотретинско мнозинство. Србија нема да гласа за тоа“,рече Вучиќ.

Според него, тоа би било рушење на постоечкиот меѓународен поредок, додавајќи оти Кина треба да остане воздржана или да не стави вето.

Во таа насока, српскиот претседател додаде дека исклучувањето на Руската Федерација од Советот на безбедност негативно ќе се рефлектира и врз Србија, особено, како што кажа, во однос на Косово.

„Тоа не е ниту далеку, ниту невозможно, а плановите се разработуваат на овој план. Тоа е катастрофа и за нас, барем што се однесува до Косово и Метохија. Пред нас се тешки времиња и голем товар“,изјави Вучиќ.

Во изјава за Данас, Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот центар за безбедносна политика, кажа дека изјавата на српскиот претседател за евентуалното исклучување на Русија од Советот за безбедност веројатно била насочена кон внатрешната јавност, за да ја истакне тешката позиција на Белград во однос на Косово.

„Доколку Русија биде исклучена, Србија би изгубила еден од последните адути во спорот со Косово“,заклучува Вуксановиќ.