Музичкиот професор Александар Трајковски:„А бре, Македонче“ не беше цензурирана во Куманово

0
24

Музичкиот професор Александар Трајковски, инаку еден од наследниците на авторот на композицијата „А бре, Македонче“, Ордан Михајлоски-Оцка, вели дека зборовите во химната на партизанското движење за време на чествувањето на државниот празник 11 Октомври, во Куманово, не се променети, туку дека постоела таква верзија.

Пред два дена во Куманово на централната прослава на празникот 11 Октомври – Денот на македонското народноослободително востание, хорот стихот во кој се споменуваат „клетите фашисти“ го замени со„душманите клети“.

Пред Спомен костурницата, хорот освен македонската химна, изведе и неколку песни од периодот на Народно ослободителната борба на македонскиот народ. Хорот ја испеја и песната „А бре, Македонче“, химна на партизанското движење во Македонија, која потекнува од периодот на НОБ за време на Втората светска војна. Песната е напишана од Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а Ордан Михајлоски – Оцка ја компонираше.

Наместо „Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине!“, стихот беше испеан со нова верзија која гласеше „нека разберат, душманите клети, македонско име, нема да загине“.

Низ медиумите и социјалните мрежи се крена голема врева заради тоа што хорот го испеал стихот „душманите клети“, што потоа се толкуваше како цензурирање на текстот и замена на стихот „клетите фашисти“. Гневот на дел од неупатената јавност се истури врз колегите изведувачи и Националната опера и балет, со директни обвинувања дека некој оттаму, по нечија директива намерно цензурирал. А, вистината е сосема поинаква. Не станува збор за никаква цензура.

Изведен е хорски аранжман на „А бре, Македонче“, направен од еден од најмаркантните и најзначајни личности заслужни за развојот на хорската музика во Македонија во втората половина на ХХ век, професорот Драган Шуплевски. Шуплевски, аранжманот го направил во доцните седумдесетти години на минатиот век и оттогаш, па наваму, овој аранжман, со овие стихови е изведуван од речиси сите хорови во Македонија. И, тоа никогаш не претставувало проблем. Да, заради акцентирањето и метричкото усогласување, Шуплевски направил мали измени, заради кои, денес се крена дел од јавноста. Но, во периодот кога Шуплевски го правел аранжманот, композицијата била третирана како народна (авторските права се признати дури во 1990 година) и дотогаш, се појавуваат три верзии на овој „спорен“ стиих. Тоа се „денешните тирани“, „клетите фашисти“ и „клетите душмани“, пишува Трајковски.

Професорот вели дека на 8 ноември 1941 година, во селото Царевиќ (Прилепско), композицијата е изведена со стихот „денешните тирани“!

„Дефинитивно, тоа е првата и оригинална верзија на оваа песна. Значи, најпопуларниот стих „клетите фашисти“, воопшто не е дел од првичната верзија, но, тоа не дава за право да кажеме дека стихот „денешните тирани“ бил цензуриран и заменет со „клетите фашисти“ (како што денес, во обратна насока, можевме да прочитаме во повеќе наврати). Едноставно, песната (пак ќе подвлечам – долг период третирана како народна!) била различно пренесувана и прифаќана.

Да заклучам – ниту Шуплевски цензурирал кога го правел аранжманот, ниту хористите цензурирале кога изведувале, ниту пак, менаџментот на Националната опера и балет тоа го направил по нечија директива“