КОНФИСКУВАНИ 75 НЕЛЕГАЛНИ ВИЛИ НА ШАР ПЛАНИНА НА КОСОВСКАТА СТРАНА

0
91

Основниот суд во Пеќ привремено конфискуваше 75 вили во планинското одморалиште Брезовица, меѓу кои и имот на високи политичари, судии и роднини на важни политички личности во земјата.  Одлуката за привремена конфискација е донесена поради сомнение дека тие се изградени незаконски, пишува БИРН.

„Тие се под надзор и контрола на државниот обвинител“, се вели во судската одлука.

Со одлуката се одобрува барањето на Основното обвинителство во Феризај/ Урошевац донесена по рацијата што беше спроведена на 11 октомври 2022 година. Тогаш десетици полицајци учествуваа во голема операција во Брезовица, во која беа запленети околу 100 згради, меѓу кои и 80 вили за кои имаше сомневање дека се нелегално изградени во националниот парк.

Меѓу 75-те привремено запленети вили се и оние во сопственост на поранешниот лидер на Демократската партија на Косово, ПДК, актуелен пратеник Енвер Хоџај, на тројца судии, меѓу кои и на шефот на судот во Феризај/Урошевац, Мустафa Тахир, судијата на Врховниот суд Агим Малиќи и судијата на Апелацискиот суд, Башким Хисени.

Судот ги заплени и вилите на двајцата браќа на поранешниот претседател Хашим Тачи, кој периодов го чека судењето за воени злосторства во косовскиот Специјален суд во Хаг.