25 % ОД ТЕТОВЦИ ПЛАЌААТ КОМУНАЛИИ, ЈКП ТЕТОВО СО БЛОКИРАНА СМЕТКА, КОМУНАЛЦИТЕ БЕЗ ПЛАТИ

0
32

По незавидната состојба во ЈКП Тетово, каде вработените четири месеци не зеле плата, а претпријатието речиси една деценија со блокирана сметка, Советот на Општина Тетово денеска свика вонредна седница, на која одлучи да се додели финансиска помош за исплата на заостанатите плати на вработените, пишува СП. 

Советниците опозиционери, велат дека општинската власт работи нетранспарентно и тие како дел од советот, немаат доволно информации за одлуките кои се носат, како и за последната. Поради ваквото како што го нарекоа самоволие, тие одлучија денеска да ја напуштат седницата.

„Ние како конструктивна опозиција дадовме некои предлози кои се надеваме дека ќе бидат прифатени, но не сакаме да дозволиме да бидеме дел од оваа лакрдија што се случува во советот. Дадовме предлог дека постојат 3.500 корисници на социјална помош и тие може да работаат во ЈКП Тетово. Тука гледаме дека се вдомуваат партиски војници, така да не сакаме да бидеме дел од оваа сендица.Од 420 вработени, во ЈКП 397 се партиски војници.Бараме трансперентност, за да знаеме што работи градоначалникот и мнозинството во советот. Има многу сомнителни дејанија, истакна Глигорие Стојановски советник од редовите на СДСМ.

„Ние излеговме и ја напуштивме седницата, бидејќи баравме транспарентност. Ние баравме од претседателот на Општината да ни донесе документ, листа на сите вработени на договор на дело“ , истакна Лиридон Диша советник од ДУИ.

Од ЈКП Тетово велат дека речиси 9 години им е блокирана сметката, а комунални сметки плаќаат само 25 % од граѓаните. Биле принудени да бараат финансиска помош од општината. Се планира реорганизација на вработените, како и поделба на ЈКП Тетово на два правни субјекти, за водовод и канализација и сектор за менаџирање со сметот. Така можеби претпријатието ќе излезе од калта.

„Ние имаме негативни имликации, немаме редовна исплата на плати на лица кои се ангажирани со договор на дело. Имаме побарувања за лицата кои се ангажирани со договор на дело од кои 80 отсто се во оператива на ЈКП, што се во дел на Комунална хигиена, нешто во делот на Водовод и канализација, Паркови и зеленило. Кога граѓаните би плаќале редовно сметки, би немале проблем и нема да имаме негативни импликации. Долгот од граѓаните кон ЈКП е 9,5 милиони евра. Долговите не смееме да ги отпишеме, затоа што влегуваме и во делот на данокот“, истакна Љулзим Шаќири од ЈКП Тетово.

Лошата сосотојба во која се наоѓа претпријатието се отсликува во градот. Смет насекаде, прашини по улиците, некосени и неуреди тревници и рестрикции во водоснабдувањето.