ЛЕБОТ ПРВ ЌЕ ПОЕВТИНИ

0
21

Поевтинувањето на млечните и на сувомесните производи се очекува во првите неколку месеци од наредната година

Откако ќе се „печат“ на поевтина струја, лебот и другите пекарски производи ќе бидат првите што ќе поевтинат во трговската мрежа, покажуваат првите калкулации. Од друга страна, за да се произведе кашкавал или сирење се потребни два до три месеци, па така поевтинувањето на млечните производи ќе се види низ маркетите во првите неколку месеци од наредната година

Кај месната индустрија, работењето на поевтината струја нема да има особен ефект ако не се надмине проблемот со царината на увозното месо за преработка. Компаниите од месниот сектор бараат укинување на оваа давачка, која по три години повторно им се наплаќа од јуни годинава, а тоа ги прави сосема неконкурентни во однос на саламите што влегуваат во земјава со „0“ царина. Сумирано, доколку сувомесните производи добијат суровина без царина и добијат поевтина струја, тогаш и оваа храна ќе поевтини, вели за „Слободен печат“ Даниела Михајловска Василевска, менаџер во Стопанската комора на Македонија.

 

– Онаму каде што најбрзо би можеле да се почувствуваат ефектите од поевтината струја е секако пекарската индустрија, бидејќи таму производството е од ден за ден. Но, мора да се потенцира специфичноста на млечните преработки, таму процесот на производство особено кај сирењата и кашкавалите трае од два до три месеци. Така, ако поевтината струја почне да „тече“ од први декември, јасно е дека намалувањата на млечните производи нема да започнат од тој датум – објаснува Михајловска Василевска.