Владата воведува данок за семкарниците

0
47

Занаетчии, фризерници, мали трговци, семкарници, бутиции… ова се само мал дел од бизнисите и дејности кои ќе мораат од следната година да плаќаат данок поради даночните промените кои се планираат во Законот за данок на добивка кој е веќе во Собрание.

Упатени лица за Фактор објаснуваат дека досега сите компании кои имале промет до 3 милиони денари на годишно ниво биле ослободени од плаќање даноци, додека компании кои остварувале меѓу три и шест милиони денари можеле да бираат дали ќе платат данок на добивка како и сите други компании од 10 отсто, или пак еден процент од прометот.

– Секоја семкарница, бутик, чевлар, кројач и многу други професии ќе треба да плаќаат даноци. Секоја фирма која има под 3 милиони денари промет на годишно ниво. Средствата кои ќе се слеат во буџетот воопшто нема да бидат многу, ама со сигурност ќе имаме многу компании кои ќе затворат. Сите промени кои се прават се удар врз малите компании, иако тие се едни од главните носители на прометот, и не остваруваат високи приходи – вели нашиот соговорник кој инсистираше на анонимност, и додава дека со оданочување на малите компании само ќе ги поттикнат поголем дел од нив да се откажат од дејноста.