Низ тетовските улици гладни и агресивни кучиња, Касами вели дека волонтери ќе го решаваат проблемот

0
17

Бројот на кучиња скитници низ тетовските улици се зголемува, а со тоа и нападите врз граѓаните растат. Податоците на полицијата велат дека речиси секој ден граѓаните пријавуваат дека биле цел на агресивни кучиња. Општината повторно со нови најави за решавање на проблемот.

Кучиња скитници во секое тетовско мало. Гладни и агресивни во глутница во потрага по храна. Ваква е сликата во градот подолг период. Општина Тетово со нова најава. На волонтерска основа ќе се згрижуваат бездомните животни.

“Има еден предлог со кој се надеваме дека ќе имаме посериозно решавање на проблемот. Се работи за еден заинтересиран човек кој ги сака кучињата скитници, бара да му обезбедиме ние простор, каде тој ќе инвестира во стационар за згрижување на кучињата скитници да се грижи за нив и сето тоа на волонтерска основа. Да се надеваме дека до крајот на месецов ќе имаме некое решение за локацијата, да ни достави идеен проект за да излеземе пред јавноста со некое решение кое ќе биде долгорочно.Досегашниот партнер со кого имаме склучено договор за згрижување на кучињата скитници се уште ќе работи до крајот на реализацијата на договорот, кој треба да згрижи 83 кучиња, но уште на почетокот кажавме дека тоа не е доволно“, рече градоначалникот на Тетово Биљал Касами

Арбен Таравари, кој е нов претседател на центарот за развој на полошкиот плански регион, вели дека без регионален пристап нема решение за кучињата скитници, а полошктие општини работат на реализација на оваа идеја.

“Ние во Гостивар имаме два центри за згрижување на кучиња скитници, но тоа се покажа како неодржливо, има разни луѓе кои одат и кршат таму и ги пуштаат кучињата, ние не сме во состојба таму да имаме работници 24 часа. Затоа велам единствено решение е да се направи еден регионален цетнар за згрижување на кучиња скитници кој ќе биде заеднички за сите општини од полошкиот регион, Ако оваа идеја се реализира, тогаш нема потреба кучињата да скитаат од една во друга општина. Тој центар ќе функционира 24 часа, таму ќе има вработени ветеринари, кои ќе се грижат за бездомните животни, мислам дека тоа е единственото решение, вели претседателот на Центарот за полошки плански регион Арбен Таравари.

Како можна локација за регионален центар за згрижување на кучиња скитници од целиот полошки регион е посочена општина Врапчиште.