Пред најавената странска инвестиција, формирано ново претпријатие со име Ски центар Попова Шапка

0
55

АД ЕСМ го одвои имотот на фирмата-ќерка ЕЛЕМ Турс со формирање на две нови претпријатија, од кои едното ќе го носи името Ски центар Попова Шапка Дооел Тетово, кое понатаму ќе треба да биде превземено од стратешкиот инвеститор ТехноАлпин, најавен изминатите денови од Владата, пишува Фактор.

Второто претпријатие е ЕСМ Молика, под чија сопственост е истоимениот хотел на Пелистер, чија судбина засега не е позната. И на двете претпријатија сопственик е Електрани на Северна Македонија. На Ски центар Попова Шапка за директор е назначен досегашниот прв човек на Елем Турс, Адем Авзиу, додека на ЕСМ Молика ќе биде извесен Миле Вељановски.

Авзиу за „Фактор“ вели дека очекува новоформираното претпријатие да го предаде својот имот на стратешкиот инвеститор до летото следната година, но не преку продажба, туку преку договор за концесионирање.

– Постапката на издвојување од ЕЛЕМ Турс е завршена. Следната фаза е преговарање со стратешкиот инвеститор по сите предлози. На крај, ќе се потпише договор кој потоа ќе треба да биде одобрен од Собранието. Во меѓувреме ќе работи стручниот тим на Владата, а колку што знам, имотот ќе оди на користење кај инвеститорот како концесија, ни изјави Авзиу.