ТЕТОВСКАТА АВТОПЕРАЛНА КОЈА 10 ГОДИНИ РАБОТЕШЕ НА ТРОТОАР ДОБИ ПЛОМБА ОД ИНСПЕКТОРАТОТ

0
53

Никој не е пред граѓаните, напиша градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами и објави фотографии од плобмирана автоперална чии вработени речиси една деценија переа возила на самиот тротоар од улицата Борис Кидрич.

„Долгогодишниот проблем со пералната за автомобили лоцирана веднаш до ООУ “Братство- Миѓени” конечно е решен! Општинскиот инспекторат денеска ја затвори пералната, која не само што го узурпираше тротоарот, туку го попречуваше слободното движење на граѓаните и претставуваше опасност за учениците. Затворањето на оваа автоперална доаѓа по бројните поплаки на граѓаните од околината и родителите на учениците од ова училиште кои побараа од општината да интервенира и да создаде нормални услови за слободно движење на учениците.Ниту една узурпација нема да се толерира! Градот им припаѓа на сите! Јавните простори се за секого“, напиша Касами.

Од Инспекторатот на Општина Тетово за „Слободен печат“ информираа дека автопералната ќе биде затворена еден месец и истата ќе може да продолжи со работа, ако го изготви и реализира планот за заштита на животната средина.

„Планот за заштита на животна средина значи самата перална да не пере возила на тротоар, оти така ги доведува во опаснот децата и другите пешаци, треба да стави соодветна заштита, настрешници, додека пере возила, децата и пешаците да се движат нормално, да не се прскаат со вода. Претходно пералната добила решение да постапи по Планот за заштита на животна средина, но таа не постапила, потоа на сопственикот му наложивме во рок од три дена да ја затвори пералната сам и по ова решение не постапи, затоа денеска бевме принудени сами да ја затвориме“, изјавија од Инспекторатот на Општина Тетово.

Автопералната преставуваше голема опасност за учениците од Основното училиште Братство Миѓени, лоцирано веднаш до самата перална. Основците, но и останатите пешаци беа принудени да одат на самата улица, поради узурпираниот тротоар. Тетовци ја поздравија ваквата акција, за која велат дека требаше одамна да се реализира. Се надеваат дека пералната нема повторно да работи, на сметка на узурпиран тротоар.

„Ова е за поздравување, иако сметам дека нема логика да поздравувам акција за ослободување тротоар, нешто што е нормално, таква сообраќајница треба да биде слободна за движење. Сега барем нема да имам страв кога моето дете оди на училиште“, вели еден родител од Основното училиште Братство Миѓени во Тетово.

Поради автопералната која го узурпираше тротоарот, неколку ученици кои одеа пеш по улицата за да стигнат до училиште беа удрени од возила. Следуваа протести на родителите на учениците, кои бараа пералната да се острани од тоа место, но општината презеде акција дури по 10 годишните поплаки и жалби на родителите.