БОШКОСКИ ОСЛОБОДЕН ЗА ПРЕДМЕТОТ „КАМПАЊА“

0
16

Кривичниот суд го ослободи од обвинение Љубе Бошкоски за предметот „Кампања“ за незаконско финансирање на политичката партија „Обединети за Македонија“.

Тој беше e уапсен по изборите во 2011 година за нелегално финансирање на кампањата и беше осуден на пет години затвор. Пресудата денеска беше дочекана со аплауз од адвокатите и обвинетиот Бошкоски. Тој за ова дело веќе одлежа казна затвор, и оваа пресуда е донесена по повторното судење.

Овој предмет беше вратен на повторно судење по барање на Бошкоски.
До ова дојде откако во 2020 година Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека на Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикување и испитување на сведоци.

Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година пред ресторанот „Воденица“ во Скопје под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор. Во 2016 година излезе од затворот во Идризово, каде што ја издржуваше казната.

Пред тогашните избори Бошкоски во кампањата жестоко го напаѓаше тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Специјалното обвинителство во 2017 година поднесе обвинение за „тортура и нечовечно постапување“ при апсењето на Бошкоски за предметот „Кампања“, против тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и седуммина припадници на „алфите“ во МВР.

Во јули 2021, Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за Мијалков во предметот „Тортура“, затоа што, како што е наведено во пресудата, обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека обвинетите се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.