Сараќино и Фалише една недела се без вода за пиење, ЈКП Тетово не може да ја лоцира затнатата водоводна цевка

0
20

Затната водоводна цевка е причина поради која тетовските села Сараќино и Фалише една недела се без вода за пиење. Вработените на ЈКП Тетово се` уште не можат да лоцираат на која локација е затната водоводната линија, оти се работи за водоводна цевка од 12 километри, која поминува низ земјоделска површина, па и според досегашното искуство, најверојатно во самата цевка има заглавено тиња, некој корен, камења и слично објави СП.

„Моментално низ водоводната цевка има само 10% проток на вода од вкупната количина, затоа и сме убедени дека цевката е затната. Досега сме исконтролирале локација повеќе од 10 километри од вкупната должина на водоводната цевка, но се уште не сме го пронашле дефектот. Остануваат уште безмалку 2 километри, се надеваме дека ќе најдеме каде е затната цевката и ќе се реши проблемот. Проблемот е на потегот од Брвеница-Долно Седларце во правец кон железничката пруга. Утврдивме дека оваа траса е направена 1977 година, но во 90-тите години имало промена поради изградба на автопатот Тетово-Гостивар и тие измени не се евидентирани. Затоа сега имаме проблем да се утврди каде е дефектот. На неколку места правевме проверки и затоа ја исклучуваме можноста дека дефект има над автопатот кон бунарот во реонот на Палчиште-Калник“, изјави Љуљзим Шаќири раководител на секцијата Водовод и канализација при ЈКП Тетово.

Жителите на тетовските села Фалише и Сараќино веќе седми ден се без вода за пиење.

„Се надеваме дека конечно ќе го решат проблемот, моментално се снаоѓаме како знаеме и умееме, тешко е без чиста вода за пиење, но позитивно е што е зима, па потребата од вода како во летниот период не е толку голема, но сепак сметам дека треба да ни пратат цистерни со чиста вода за пиење“, вели еден жител на село Фалише.

Овој водоснабдителен систем е дотраен, причина поради која често пати се соочува со дефекти, а селата остануваат без вода за пиење.