Се забрануваат казина и обложувалници поблиску од 500 метри од училишта

0
18

Владата соопшти дека на денешната седница го утврдила Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии.

„Со цел заштита на младата популација, со измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно тој не утврдува ваков критериум“, се вели во владиното соопштение.

Друга важна измена во предлогот е тоа што обложувалниците, на пример, доколку се регистрирани како такви, нема да можат да организираат и други игри на среќа со истата лиценца. Се најавува и затегнување на процедурата за издавање лиценци за игри на среќа.

„Исто така, меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. А се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа“, додаваат од Владата.

Законските измени сега одат на усвојување во Собранието