Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
По наредба на јавен обвинител, Секторот за компјутерски криминал при МВР го документираше и го обезбеди наведениот поткаст и целокупниот доказен материјал кој ги потврдува елементите на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор од една до пет години.
Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да определи мерка на претпазливост за Латас, со што привремено ќе му биде одземена патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Освен ова, особено имајќи ги предвид меѓународните обврски кои произлегуваат од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но и влијанието и последиците од постапките на двајцата обвинети врз јавниот морал и интерес, за двајцата обвинети предложена е мерка – забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело кое им се става на товар, односно забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, додаваат од ОЈО Скопје.