БУГАРСКИОТ ИСТОРИЧАР АТАНАСОВ: ВНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ Е БЕСМИСЛЕНО

0
17

Почетокот на кампањата на провокации историчарот го гледа кај бугарската страна, на што потоа се надоврзала и македонската бидејќи, како што вели, од двете страни на Осоговска Планина постојат политички партии и институции кои имаат интерес односите меѓу двете земји да бидат сè полоши, а од управувањето со нив изборна и бизнис корист да имаат одредени кругови

Она што тој со жалење го истакнува е што на чело на ваквата кампања во последно време застана бугарскиот претседател Румен Радев

Според бугарскиот историчар Димитар Атанасов, односите меѓу С Македонија и Бугарија во моментов се на дното, а нивното влошување го лоцира во почетокот на иницијативите за отворање на т.н. културни клубови – провокација која ја започнала бугарската, а на неа се надоврзала македонската страна.

Атанасов е дел од учесниците на завршната конференција на тема „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ во организација на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, што денеска се одржува во хотелот „Мериот“. Тој своите ставови ги сподели во изјава за новинарите во пресрет на настанот.

„Со жалење ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна дојде таа кампања на провокации. Македонија одговори, што исто така не е во ред. Односите во моментов можеби се на дното. Оттука натаму од нас зависи дали ќе започнеме да ги подобруваме“,вели Атанасов.

Тој посочи дека и од двете страни на границата постојат политички субјекти – партии и институции во чиј интерес е односите да стануваат сè полоши, споменувајќи ги во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ (во Северна Македонија) и ВМРО-БНД (во Бугарија), со таа разлика што партијата во земјава е претендент за власт, додека бугарската со истиот предзнак е маргинална партија, но која и покрај тоа придонесува за влошување на односите.

„Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со предзнакот ВМРО. Од една страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и една од нејзините основни карактеристики е етнонационализмот. Во бугарскиот случај независно од тоа што партијата ВМРО веќе е маргинална и не е сигурно дали ќе влезе во парламентот во моментот не престануваат да ги влошуваат односите“,вели бугарскиот историчар.

Она што тој со жалење го истакнува е што на чело на ваквата кампања во последно време застанал бугарскиот претседател Румен Радев, истовремено констатирајќи дека и од двете страни на планината Осогово, како што вели, има што да се направи и оти се надева дека двете страни ќе покажат зрелост и капацитет за промена на нештата.

Одговарајќи на прашање околу тоа чија вина е поголема за ваквата ситуација, Атанасов вели дека тоа е тешко да се каже и нагласува дека во моментов можеби тоа и не е главното прашање, туку она дека најпосле треба почнеме да признаваме грешки.

„Јас можам да кажам дека вината од страна на Бугарија е поголема и тоа за мене не е проблем. Прашањето од друга страна е како тоа ќе биде употребено затоа што го има и тој момент. Во ситуација во која едната страна вели дека е повиновна, а другата ќе каже ‘аха и ние тоа го тврдиме, вашата вина е поголема, вие сте виновни’. Не! И ние и вие, и заради тоа треба да почнеме да зборуваме за тие прашања. Во однос на клубот ‘Ванчо Михајлов’ таму (на неговото отворање) беа и поранешни бугарски политичари, таму беше и водачот на бугарската ВМРО во какво својство е многу големо прашање. Беше и потпретседателот на Бугарија, претставник на бугарската институција која очигледно го заштитуваше тој интерес што го кажав, односно конфликтот да биде потпалуван и тоа да биде непрекинато интензивирано со цел неговото управување да води до изборни и бизнис-корист за одредени кругови“,вели историчарот.

Во врска со прашањето дали Бугарија треба да дозволи земјава да преговара со Европската Унија и без внесување на Бугарите во Уставот, и тоа евентуално да се бара подоцна, бугарскиот историчар вели дека тука неговото мислење е спротивно од она на официјална Софија. Имено, тој смета дека впишувањето на Бугарите во Уставот на земјава е апсолутно бесмислено.

„И со и без тоа Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Кога ќе погледнеме историски тие луѓе чии мисли ние ги читаме – Гоце (Делчев), Даме (Груев) тие сакале на Осоговската Планина да нема граница, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно затоа што ние сме различни, но сме доволно блиски и она што го можат Италијанците и Швајцарците, што можат Шпанците и Французите, зошто да не го можат Бугарите и Македонците“,вели Атанасов.