Бугарија гневна за затворањето на клубот „Ванчо Михајлов“, прави досие против Македонија

0
24

Длабоко сме вознемирени од доследните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во оваа земја, изјави заменик министерот за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев.

На прашањето на БГНЕС кои се чекорите на Бугарија во врска со претепувањето на Христијан Пендиков, палењето на бугарскиот клуб во Битола и конечно неговото затворање, експертот во МНР Жељко Радуков одговори дека ја разбираат желбата да се види брз резултат од бугарската страна. „Ние сме во незавидна положба, постапките на другата страна имаат брз ефект, нешто за уништување и забрана, нашите постапки бараат многу труд, сепак, и трпение. Ако го откриеме целиот план за нашите мерки, ќе ни снема време. Бидете уверени дека ќе направиме се за да се заштитат овие организации во Скопје“, додаде Радуков.

Бугарската новинска агенција обвинува дека институциите во Скопје не изнесоа вистински аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија. „Својата одлука ја донесоа исклучиво со непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Фактот дека верувањата на Бугарите во Северна Македонија не се компатибилни со актуелната официјална идеолошка доктрина во оваа земја не значи дека овие верувања се неспоиви со демократските принципи и правниот поредок“, реагираат во Бугарија.

Во реакцијата се додава и дека оценките и квалификациите за Иван Михаилов во Северна Македонија не се засновани на историски докази туку се насочени кон зачувување на монополот на намерно и ревизионистичко толкување на „нашата заедничка историја“.

Реакција има и за обвинувањата во Македонија за антисемитизам на Михајлов, за кое се подвлекува дека биле „особено неосновани“.

„Самиот Иван Михаилов, неговата околина и раководството на ВМРО постојано имаат почитуван и добронамерен однос кон еврејската заедница. Не случајно еден од неговите најблиски соработници, Владимир Куртев, член на последниот состав на ЦК на ВМРО, е прогласен за праведник на светот од државата Израел“, изјавува заменик министерот Коџабашев.

„Северна Македонија јасно ги крши основните принципи на Европската унија за правата на слободно изразување и слободно здружување. Овие принципи се заштитени со членовите 10 и 11 од Европската конвенција за човекови права, а Скопје е должно да ги спроведе во целост, без разлика дали се прифатливи за властите или за дел од локалната јавност“, вели тој.

Бугарската страна тврди и дека „ваквото однесување е спротивно на договорите кои беа постигнати со голема тешкотија минатата година“.

„Потсетуваме дека на 17 јули 2022 година, Северна Македонија презеде јасна обврска да ги преземе неопходните активности за да и обезбеди на бугарската заедница ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на нејзиното културно наследство и идентитет. Внимателно го следиме спроведувањето на овие договори во контекст на евроинтеграциите на оваа земја кандидат“, вели Коџабашев во реакцијата што ја пренесува БГНЕС.

Понатаму, се наведува и дека Бугарија се уште чека информации и ефикасна правда за сторителите на бројните напади врз здруженијата на Бугарите во Северна Македонија, особено за пукањето во клубот во Охрид. Притоа се тврди дека „бавното спроведување на правдата е во остар контраст со брзината со која се носеше законот и беа затворени бугарските здруженија. Ова ја покажува ефикасноста на властите во Скопје во ограничувањето на човековите права, но не и во заштитата на истите“.

Коџабашев се навраќа и на „палењето на зградата на културниот објект „Иван Михаилов“ во Битола пред речиси една година, за што вели дека Бугарија „конечно добила официјална информација од Скопје“.

„Се изненадивме кога од инфотрмацијата дознавме дека наместо сторителот на ова кривично дело да се гони во целост од законот, со цел да се спречат слични престапи во иднина, обвинителството се договорило со обвинетиот да добие најмала можна казна. Сметаме дека овој пристап ги охрабри и последователните напади врз други Бугари и бугарски организации во Северна Македонија“, коментира бугарскиот заменик-министер за надворешни работи.

Тој изјави и дека биле информирани и дека обвинителството „во соседната држава“ се уште трага по сторителите на кривичното дело против Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје. Од друга страна, додава Коџабашев, таа веќе утврдила дека мотивот на кривичното дело е од домашен карактер. „Нормално, му честитаме на професионалноста на обвинителството во Скопје, кое без да утврди кој е сторител на даденото кривично дело, апсолутно уверено може да ги утврди неговите мотиви“, цинично посочува тој.

„Ова е прв напад против претставништво на странска држава во Северна Македонија воопшто. Ваквите тешки кривични дела треба да се истражат со особено внимание на пораката што целиот правосуден процес ја испраќа до општеството за да се обезбеди спречување на нивното репродуцирање“, им рекол Коџабашев на бугарските новинари.

Тои изразил и загриженост дека институциите во Скопје, „наместо да се обидуваат да спречат нови злосторства врз локалните Бугари и претставниците на бугарската држава, трошат енергија и време обидувајќи се да покажат дека проблем всушност не постои“. Овој пристап е контрапродуктивен за аспирациите на Скопје за што побрза европска интеграција, рекол претставникот на бугарското МНР.