Уапсени киднаперите на внукот на Љубе Бошкоски

0
48

Скопското обвинителство побара определување краткотраен притвор во траење од 48 часа за две лица за кои постои сомнение дека учествувале во кривично дело „грабнување“ на Самоил Костадиновски, внук од брат на сопругата на политичарот Љубе Бошкоски, објавија повеќе домашни медиуми.

„Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа за две лица за кои постои сомнение дека со своите дејствија учествувале во кривично дело – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик. Во интерес на постапката, Јавното обвинителство не е во можност да сподели повеќе детали во овој момент“, соопштиле од обвинителството за МИА.

Трагата на Костадиновски му се губи на 4 март кај Чешката амбасада во Скопје на Чешка, а неговото исчезнување го пријавил неговиот брат.

Љубе Бошкоски беше министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ за време на воениот конфликт во 2001 година. Во 2005 година беше обвинет од Хашкиот трибунал за воени злосторства. Беше во Хашкиот притвор од 2005 до 2008 година, кога беше ослободен од обвинувањата.

По враќањето во Македонија, ја формираше партијата „Обединети за Македонија“, која беше опозиција на тогашната власт на Никола Груевски.

По изборите во 2011 година беше уапсен за нелегално финансирање на изборната кампања и осуден на пет години затвор. Казната ја издржа во затворот Идризово. Европскиот суд за човекови права пресуди дека му биле прекршени правата на фер судење. На повторното судење за случајот, Кривичниот суд во Скопје минатиот месец го ослободи од одговорност.

Бошкоски од 2018 година беше советник на поранешниот премиер Зоран Заевза странски инвестиции.