Филипче до членството: Сега повеќе од било кога ни е потребно единство

0
62

Во прилог ви го испраќаме говорот на д-р Филипче интегрално.

Почитувани граѓани, драги пријатели

Исправени сме пред одлучувачки момент за иднината на државата, но и иднината на СДСМ. Предизвикот пред нас е голем. По резултатот во првиот круг, нè чека тешка задача да ги подобриме работите. Тешка, но не и невозможна задача е пред нас која може да ја оствариме ако се обединиме на 8 мај.

Секоја партија силата ја црпи од единството. За жал, ни се повторува историјата од 2006 година и повторно се соочуваме со поделба. Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе. Ова не го кажувам за да заплашам никого. Ова го кажувам затоа што во ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска промена. А кога нема суштинска промена не може да се очекува различно владеење.

Во оваа кампања разговарав со илјадници луѓе. Влегов во стотици домови, прошетав по многу маала и пазари. Пораката кон нас е дека граѓаните сакаат промени во нашите политики, во нашето однесување кон нив. И ова мора да го испочитуваме веднаш по изборите. Само така ќе ја вратиме довербата и ќе ја издигнеме СДСМ онаму каде што и е местото, на врвот на политичката сцена. Дадов многу ветувања и тие ветувања немам намера да ги изневерам.

Во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив? Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат.

Ние мора да се исправиме и да се соочиме со предизвиците. Јунаците се препознаваат кога е тешко. Затоа победите имаат многу татковци, а поразот само еден. Ајде сега да се фокусираме на второто полувреме од оваа тешка битка.

Сакам да им испратам порака на сите наши долгогодишни поддржувачи, оние кои решиле да не гласаат или да гласаат за други партии за да го изразат револтот.

Драги сопартијци, драги симпатизери и поддржувачи, со вашиот глас против не ја казнувате СДСМ, туку ја наградувате ВМРО-ДПМНЕ. И доделувате неограничена моќ која тие најдобро знаат како да ја злоупотребат. Веќе започнаа со заплашувања и реваншизам и нема да престанат тоа да го прават.

Сега, повеќе од кога било ни е потребно единството. Ова е време кога мора да останеме заедно. Нашето единство е нашата моќ. Нашето единство е основата на која ќе градиме посветла иднина за сите. Мора да се здружиме, како едно семејство на СДСМ, да обезбедиме нашите гласови да бидат обединети и силни.