Србија се договорила да испрати оружје во Украина, покажаа доверливите американски документи

0
140

Србија, единствената земја во Европа која одби да воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила, се наведува во доверливиот документ на Пентагон.

Документот, резиме на одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и снабдување со воена опрема или оружје, беше меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последниве недели, што може да биде најсериозното протекување на американски тајни во последните неколку години.

Насловен како „Европа|Одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот во форма на графикон ги наведува „проценетите позиции“ на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.

Документот покажа дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати воена опрема или веќе ја доставила. Се наведува и дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да ја снабдува Украина со оружје, пренесува Ројтерс.

Документот ја носи ознаката SECRET и NOFORN, кој забранува негово дистрибуирање на странски разузнавачки служби и војска.

Датумот на документот е 2 март и го носи печатот на Заедничкиот штаб.

Ројтерс не можеше да ја потврди автентичноста на документот, а канцеларијата на српскиот претседател Александар Вучиќ и украинската амбасада не одговорија на барањето за коментар.

Пентагон, исто така, допрва треба да одговори на прашањата на Ројтерс за споменувањето на Србија во документот и претходно одби да коментира за кој било од објавените документи.

Владата на Вучиќ изрази неутралност за војната во Украина, и покрај долгогодишните историски, економски и културни врски на Србија со Русија.

– Ако овој документ е точен, тоа или ја покажува дволичноста на Вучиќ во однос на Русија или тој е под огромен притисок од Вашингтон да испорача оружје на Украина – изјави Јануш Бугајски, експерт за Источна Европа од Фондацијата Џејмстаун, институт за надворешна политика.

Министерството за правда го истражува истекувањето, додека Пентагон ја проценува штетата за националната безбедност на САД.