Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување постапка против 74-годишник осомничен за разбојништво. Кривичното дело тој го сторил во соизвршителство со три деца на возраст од 15, 13 и 17 години за кои ќе се води постапка согласно Законот за правда на децата.
– Сите заедно, со употреба на сила врз една оштетена одзеле од неа 30.000 денари. Откако осомничениот добил сознанија дека жртвата – лице со хендикеп и ограничено движење добила парични средства од нејзината ќерка за да купи лекови, тој ги договорил трите деца и со автомобилот ги донел во близина на нејзината куќа, на улицата „Патрис Лумумба“ во Скопје, соопшти државното јавно обвинителство.
-Трите деца влегле во домот преку вратата која возрасниот осомничен претходно ја оставил отклучена, употребувајќи го клучот што оштетената му го доверила. Кога ја пресретнале жртвата, едно од децата ѝ ја затворило устата, а другите две ѝ ги држеле рацете. Ѝ го одзеле паричникот каде ги чувала парите и веднаш избегале со возилото во кое ги чекал осомничениот, соопшти ЈОРСМ.
Поради можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и опасност осомничениот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за полнолетниот осомничен. За децата постапката е раздвоена.