Денови на жалост во Србија: Денеска ќе бидат погребани четворица ученици и чуварот и пет жртви од престрелката во Младеновац

0
50

На белградските гробишта денеска ќе бидат погребани четворица ученици и чуварот, кои загинаа во престрелката во ОУ „Владислав Рибникар“, а во Мало Орашје ќе бидат погребани пет лица кои загинаа во престрелката кај Младеновац, јави дописиникот на МИА од Белград.

Српската влада вчера ги усвои мерките што ги најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а кои беа предложени по злосторството во Младеновац. Во соопштението од српската Влада беше наведено дека Министерството за внатрешни работи итно ќе подготви измени на Законот за оружје и муниција со кои би се заостриле условите за чување и носење кратко огнено оружје, а за оние кои нема да ги исполнат построгите услови ќе се обезбеди задолжителен откуп на оружје. Оваа мерка се носи со цел да се намали бројот на кратко огнено оружје што го поседуваат правни и физички лица за деведесет отсто.

Во Србија за два дена се случија две масовни убиства при што вкупно се убиени 17 лица, а 25 се повредени.