Осум мртви во пожар во станбени контејнери во Чешка

0
25

Најмалку осум лица загинаа во разорниот пожар кој зафати неколку станбени контејнери во чешкиот град Брно, соопштија денеска пожарникарите. Пожарот избувнал околу 2 часот по полноќ и брзо се проширил, изјави портпаролот на противпожарната служба во Брно, на југоистокот на земјата.

Никој од жителите не можеше да се спаси од пожарот. „Не можевме да помогнеме никому на местото на настанот“, изјави портпаролот на спасувачките служби. Чешкиот премиер Петр Фиала изрази сочувство до членовите на семејствата на жртвите.

Тоа е огромна човечка трагедија која не може никого да остави рамнодушен“, порача на Твитер градоначалникот на Брно, Маркета Ванкова. Вториот по големина чешки град се наоѓа на околу 200 километри од Прага. Пожарникарите цела ноќ се бореле со пламените јазици.

Структурата од 12 контејнери за домување беше демонтирана за да се најдат скриени џебови од жар. Пожарот конечно бил изгаснат дури во раните утрински часови. На фотографиите се гледа дека на прозорците биле закачени решетки, поради што е невозможно да се избега низ нив.

Жртвите сѐ уште не се идентификувани. Може да се претпостави дека станува збор за бездомници“, изјави портпаролот на полицијата, а пренесе агенцијата ЦРК.

Истрагата за причините за пожарот е во тек. Допрва треба да се утврди дали пожарот е подметнат, соопшти полицијата.